Ana Blandiana poet

Романската поетеса Ана Бландијана е добитникот на наградата „Златен венец“ на СВП за 2019 година

Добитник на „Златен венец“ за 2019 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е романската поетеса Ана Бландијана. Одлуката ја соопштија Управниот одбор и Дирекцијата на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) на денешната Свечена седница, која се одржа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Наградата на годинашната лауреатка ќе ѝ биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации na годинашното издание на фестивалот, кое ќе се одржи од 21 до 28 август.

„Една од најценетите современи европски авторки, Ана Бландијана, (псевдоним, зад кој се крие името на Отилија Валерија Коман) е припадничка и претставник на поетската генерација од 60 –тите години, која е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија.

Поезијата на Бландијана не флертува со помодното и површно допадливото пишување, таа е критички настроена и суштински загрижена заради губитокот и отсуството на слобода во современо-историската бездна, сред која е стаписано човештвото…

Како што сведочат книжевно критичките реакции и одгласи ширум Европа – творештво на Ана Бландијана претставува значен придонес во збогатувањето на изразните потенцијали на современата литература, како и витален поттик за ревитализација на нејзината благородна мисија во едно сурово време, какво што е нашето“, образлагајќи ја одлуката, нагласи проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, еден од најреномирани и најстарите поетски фестивали во светот.

Местото кое Ана Бландијана (родена во Темишвар, Романија, во 1942 година), го зафаќа во книжевниот живот на Романија, може да се спореди со она на Ана Ахматова во Русија или Вацлав Хавел во Чешка. Таа е високопризнаена фигура во романската книжевност и има напишано 17 стихозбирки, две книги фантастична проза, девет книги есеи и еден роман. Нејзиното дело е преведено на 25 јазици и претставено во 80 книги поезија и проза.

Бландијана дебитираше во шеесеттите години. Таа припаѓа на генерацијата романски нео-модернисти, беше истакнат противник на режимот на Чаушеску, а нејзините храбри и искрени песни, како и храбриот став во одбраната на етичките вредности, ја претворија во легендарна фигура во романската литература.

Со низа стихозбирки од 1966 до 1981 година, Бландијана се етаблираше како еден од најистакнатите поети на нејзината генерација. Таа стана плоден, многу ценет поет – добитник на бројни награди, признаена од Романската академија и Писателската унија. Во 1982 година, стана најмладиот добитник на наградата „Готфрид фон Хердер“ доделена од Универзитетот на Виена.

Кон крајот на декември 1984 година, Бландијана успеа да ја заобиколи драконската цензура на владата и објави низа од четири песни – „Детската крстоносна војна“, „Верувам“, „Ограничувања“ и „Сè“ – во авангардното списание „Амфитеатар“. Дистрибуцијата на списанието беше откажана, но рачно напишани копии од овие песни продолжија потајно да кружат. Всушност, тие беа првите самоиздадени песни во романската литература, кои го осудија политичкиот систем кој постојано ја фалсификувал реалноста и го уништувал човечкото достоинство. Одмаздата против неа беше груба, но таа беше спасена од меѓународната солидарност и поддршката од италијански и германски интелектуалци.

Во мрачната политичка панорама по 1989 година, Ана Бландијана стана слика на надеж.  Исто како што и самата ја презеде одговорноста  да ги осуди кршењата на човековите права од диктатурата на Чаушеску, по 1989 година таа сметаше дека е нејзина должност да ја осуди манипулацијата на демократските вредности од новата политичка моќ. И покрај нејзината интензивна граѓанска активност и учество во протестните маршеви и митинзи, таа се посвети со речиси мистичен аскетизам на пишувањето и на споменот за жртвите.

Во 1990 година Бландијана го возобнови романскиот ПЕН клуб (основан во 1924 година и распуштен за време на комунистичкиот период) и стана негов претседател (1990-2004). Ова беше прва институција за повторно воспоставување на позицијата на Романија во западниот свет.

Како признание за нејзиниот придонес кон европската култура и нејзината храбра борба за човековите права, во 2009 година на Бландијана ѝ беше доделена највисокото одликување од Француската Република, Легија на честа“, додека Државниот Секретаријат на САД ја одликуваше со наградата „Храбри Романки“ во 2014 година. Романскиот крал Михаил ѝ го додели кралскиот орден „Нихил сине Део“ (2014).

Бландијана е почесен доктор на науки на четири романски универзитети: Универзитетот де Вест, Темишвар (2014), Универзитетот Клуж (март 2015), Универзитетот на Галац (2016), Универзитетот „1 Декември 1918″ Алба Јулија (2018).

Според лауреатката, „Златен венец“ на СВП е поважен од која било друга награда и веста за признанието кај неа предизвикало горечка возбуда, бидејќи нејзиното креативно созревање е обележено токму од овој фестивал во земјата на која, како што вели, чекорел Орфеј.

„Навистина не знам како да ја изразам возбудата што ја почувствував кога ја добив прекрасната вест дека ќе ми го доделите Златниот венец во Струга. За да разберете што чувствував, треба да знаете дека за мене, како романски поет, овој легендарен венец е поважен од која било друга европска награда. И тоа не само затоа што е една од најстарите книжевни награди во светот, туку затоа што пораснав и станав поет под речиси митската аура на поетскиот фестивал крај Струшкиот мост и во Орхидската катедрала и крунисувањето на Никита Станеску беше магичен момент на мојата генерација.

Во светот во кој војните, револуциите и промената на историјата и географијата оставија малку простор за поезијата, наградата „Златен венец” опстои шест децении на преминот меѓу два века и со помош на лирата и ловориките се спротивстави на сите видови оружја и со љубовни зборови се спротивставува на сите видови омраза. Веќе педесет и осум години, големите светски поети што ги избравте, благодарно доаѓаа во оваа земја, по која чекореше Орфеј, осветлени со верата дека убавината ќе го спаси светот и дека нивното присуство може да го втисне во духот на Европа обликот на Струшкиот венец“, порачува годинашната добитничка на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во своето поздравно обраќање.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©