ХОТЕЛОТ, НА ВРАЌАЊЕ ОД ИСТРАЖУВАЧКО ПАТУВАЊЕ, ПРЕВЕДУВАЧИТЕ СЕ АНГЕЛИ

ХОТЕЛОТ

Се качува пред него по дрвените скали,
хотелот му го покажува, собата негова, иронично
коментира, со таинствениот ѝ акцент, лекум,
дека и да ја отепаш не сфаќа
оти туристите го сакаат Порто. Во помошничката униформа
таа е Мечта. Тој веќе го познаваше хотелот
од Мелбурнскиот сон, таа тажна ноќ
кога, дури се замислува како се враќа во Португалија
со брод, и се истовара да влезе сред едно дождливо ветување,
беше заспал дури ги слушал Мадредеус:
О Тереза Салгуеиро! Сладок ангеле на Фадото! *
Таа, помошничката, беше жената која може ќе ја љубеше
ако светов не беше циничен, а неговото разединување
клише. Фустанчето се поткрева одзади нагоре по колената.
Нема музика таа ноќ, само, во соседната соба,
кокетно и гласно бакнување, американска туристка
со некој мештанин кој го сретнала претходно во ноќта.
Поетот мораше да признае дека ниту е Рикардо Реиш**,
ниту се вратил од Бразил, ниту еден роман не вредел,
и знаел: Самотијата е само отсуство на самиот себе.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

* Мадредеус се португалска група, чија музика може да се окарактеризира како комбинација на фадо музика и модерен фолк. Тереза Салгуеиро, родена на 8 јануари 1969 во Лисабон е позната како главниот вокал на групата „Мадредеус“ од 1987-2007. (Заб. на прев.)
** Фернандо Песоа (13 јуни 1888 – 30 ноември 1935) – португалски писател, филозоф и книжевен критичар. Песоа се смета за еден од најголемите поети кои твореле на португалски јазик. Пишувал и кратки раскази, драми, детективски романи, а се бавел и со политичка и книжевна критика. Водечки лик на авангардното книжевно списание „Орфеј“, а неговите дела се сметаат за почеток на португалскиот книжевен модернизам. За Песоа е карактеристично тоа што во текот на кариерата користел различни книжевни имиња, како: Алберто Каиру, Рикардо Реиш, Алваро де Кампуш итн. (Заб. на прев.)

 

 

НА ВРАЌАЊЕ ОД ИСТРАЖУВАЧКО ПАТУВАЊЕ

Врз перницата заспаната глава на Џон Матир
е аквариум за златна рипка со развителена Венециска вода,
и врз галеонот, таа сјајна играчка,
тој е на кормилото, со телескопот гледа,
се колне дека не ја гледа Австралија.

И кога неговата каравела ќе вплови во Тахо,
грациозна и умна ко црн лебед,
нарачува чаша порто и пастел де ната*,
па си легнува в кревет во еден тивок хотел сред Алфама **,
и го сонува сонов:

дека еден ден ќе постане поет
наречен Џон Матир, како што од дамнина постоело,
на крајнината од картите, едно чудовиште
наречено Австралија.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

* Вид десерт, распространет во Португалија, Лусофонските земји и региони (Бразил, Ангола, Мозамбик итн.), како и во земји со поголем број португалски имигранти. (Заб. на прев.)
** Историски најстариот регион во Лисабон, се протега помеѓу замокот Св. Ѓорѓи и реката Тахо. (Заб. на прев.)

 

 

ПРЕВЕДУВАЧИТЕ СЕ АНГЕЛИ

Преведувачите се ангели, прошепотив
во увото на мојот ангел чувар во Библиотеката „Крал Жоао“*.
Стојат крај нас, мислите ни ги слушаат,
го мрморат само потребното. Поднасмевната,
го ислуша внимателно зборувачот кој името ми го спомна,
и рече: Ние сме совршените никои; безимени,
безгласни, крилата жарост, освен кога сме злобни.
Па кон мене се заврти: Како пример сега, ако не ти преведам што ти рече човекон –

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

* Жоао VI од Португалија, (порт. João Maria José Francisco Xavier de Paula Luís António Domingos Rafael, 1767-1826), бил крал на Обединетото Кралство на Португалија, Бразил и Алгарвес од 1816-1826. (Заб. на прев.)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©