СОНУВАНИОТ ПАТ, СО МРАЧНО ПОТЕКЛО, ПОСЛЕДНА ПРИЧЕСНА, 1.13, 1.12, 1.8, 1.5, 1.3, 1.2, 1.1

СОНУВАНИОТ ПАТ

ние не знаеме зошто пред оловната уста на канализациониот отвор
гледавме како се врти сивата супа на летните порои
следејќи го концентричното движење до мистично зашеметување

ние ги насочувавме нашите танци кон непознатите шопинг галерии
во засмрдениот простор на празните продавници со прстите
приклештени врз временските картички
со јазик на друид кој тече како бршлен по гипсот и тулите
зад железните завеси го молевме ветрот кој стенкаше зад вратите
да ни ја открие трагата на последните космички бради

чадорите паричниците напуштените парчиња ткаенина
за нас се како наплив на искинати лилјаци
и ги откриваме кај пациентите хиерофанти последните мисли
што големите куфери со искршени вилици ги оставаат да избегаат
првите минувачи нè наоѓаат заспани
како избегани сираци под една липа
пијани од тешката земја и дождот
светкајќи сѐ уште со еден мал сјај

ние имаме вкус на пепелта од бесплатните весници и ресторантски
менија
прирачници на дваесет и осум јазици за миксери и ротирачки печки
што ги гориме со надеж дека ќе ги најдеме светите хоризонти
меѓу соништата од густ чад

Превод од француски јазик Надица Николоска

 

 

СО МРАЧНО ПОТЕКЛО

јас сум роден во падот на авионот кој се урива
четириесет и седум секунди после полетувањето
јас сум роден во лизганиците во излезите на патиштата
во вртимушките бурињата во карамбол
јас сум роден во нафтените дамки
во протекувањето на гас
во враќањето на огнот
и рикошетирањето на митралезите
јас сум роден на токсичен кауч
и на тераси кои се уриваат
сред растопувањето на осигурувачите
во еден хемиски пожар
со сателит кој паѓа
еден кран кој се ниша
излетувањето на возовите од шините
лизгањето на земјиштето
преклопувањето на столбовите
пукањето на цевките
и на терасата одвоена во висините на облакодерот
во кошницата која се откачува при полн лет на рингишпилот
скелето кое попушта
лифтот кој се урнува
дојдов на овој свет заради дефект во премeстување на шините
грешка во интерпункција на инструкциите за употреба
грешка во програмирањето
еден задоцнет сигнал
јас сум наследник на кобниците
што го обликувал духот на катастрофата
чист производ на мрачните сништа
кои се множат во мозокот на еден град
јас сум роден при губење на балансот
една ненадејна штета
јас сум роден во танцот на расипаните машини
металните дефекти на смртта
формирајќи го исходот на едно мрачно предење
на цивилизациите кои во нивни раце
нè притискаат до задушување
како дедо морфинист или посесивна мајка

Превод од француски јазик Надица Николоска

 

 

ПОСЛЕДНА ПРИЧЕСНА

секој ден носи свој мир
една мрачна гласина која минува низ шкафовите на историјата
секој ден се разоткрива во шумливите мали бодежи
на едно метално јазиче растворено во чаша со сода
каде што се рефлектираат механички ескалатори и подмачкани
трипод-врати
за еден човек кој не постои
ние сме кршливи парчиња првут
поправена ролна на еден меланхоличен филм
кој преплавува празна сала со вкус на горка осаменост
изгребани плочи на кои учителот по танц инсистира
да ги пушти да потпукнуваат под дијамантот на една ѕвезда
за да ја најде нишката на незавршените ритуали
хармониите на очајот
напукнатите чинии кои се вртат врз стапчињата на знајните
како ископаните очи на еден луд бог
во разочараната ноќ
го промешуваме нашето мало парче небо со лажица
извиткана од вчерашните гозби во руината на камените градини
малтретирани од чаталите на градителите
звук на ситни монети
тешко дека и хорот од мртви
дојден да бара тишина и самиот ќе се чуе
ќе знаеме ли вечерва да најдеме трпение
за да може да прозбори пепелта
да ја пробиеме нашата мрежа од кртови жедни за значење
во стаклестата утроба на левијатанот
да го заведеме јазикот
со нашите одронети слики и нашите нејасни возбуди
за да им понудиме едно сеќавање на овие неблагодарни времиња
додека се наметнува една прва мисла
како огнена пеперутка
врз тангата на една мртва стриптизерка
задушена во својата пирамида од профитерол крофни

Превод од француски јазик Надица Николоска

 

 

1.13

војник без чин
единица без статус
ја имам проникливоста на поразениот
повлекувањето на оној кој е пречкртан од листите
јас сум стреланиот кој бил
од град до град сè уште испарувам
го имам лицето на стравот кое пребледува
под светлината на една стражарска кула
го познавам само крикот на кучињата
и сирената на фабриките
го засмрдувам тутунот на испрашувањата
и прозорци се кршат некаде во мојот череп

јас сум трпеливоста на човекот кој ги оцрнува овие реченици
граѓанинот од непроѕирно стакло

заспивам во ткаенини на едно задоволство без споделување
ги затворам капаците на ликовите
избришани од една сцена сѐ уште далечна од мојата приказна
и се обидувам да читам меѓу белите редови на патиштата кои
поминуваат по огледалото

мојот живот не е ништо повеќе од една долга недела
каде што бегам во белината на рамнодушните погледи

можат ли моите усни да го сочуваат едно време
еден вкус на устата којашто ми била љубовна

Превод од француски јазик Надица Николоска

 

 

1.12

го допирам мантилот кој талка по патеката на девојките со мирис на џин
и го фиксирам ножот којшто прави попис на едно тело под тремот на еден хотел

го вдишувам чадот кој носи гозба на изгорено месо кон нашиот прозорец

го опипувам црниот белег што смртта облечена како
продавач на календари ни ја остава во длапката на десната дланка

ги листам аналите на страдањето
ја галам канџата на патронимите
кои не оставиле ништо друго освен еден крвав епитаф
врз ѕидините на колективната меморија

слегувам во бедната јама со треска како на џелат
зашто знам дека во сенката на чудовиштата врз човекот се оформува една ретка вистина

ја вкусувам водата истурена врз голата слугинка што зимата ја претвора во бела статуа
и го лижам жилетот кој ја зацрвенува напивката на младоста

ја бакнувам раката која трепери на грбот на болниот моќник
и ја светнувам деформираната нога на ѓаволот кој ловокради по рабовите на селата

го бришам показалецот поцрнет од статистика
го придружувам моливот кој филозофира на маргината на регистрите
додека врз светкавите стакла на функционерите дефилираат
броевите на труповите на одложено време

Превод од француски јазик Надица Николоска

 

 

1.8

парчиња од шишиња по осакатени маси
партали од здолништа по распар чевли
по покривите терасите
во ноќта сива од чадови
светлината ползи
прашината ни се лепи за јазикот
како рефрен без зборови
како сладоста на бакнежот кој нè буди
одам благодарение на нишките испружени во празнината
помеѓу два крика два исправени слогови
чекорам во средина на една басна
во која заборавените нешта си зборуваат
и бавно си го расчистувам патот
до центарот на мрежата
сличен на аџија кој го подигнува
секој камен од својот пат
ја барам мојата душа
зад прозорците
кои се смеат пожолтени над нивните лавиринти

Превод од француски јазик Надица Николоска

 

 

1.5

зборувам потскокнувајќи на една нога на
плочката * на моето срце и
зборовите се судираат како
коцките во раката на играчот
барикада од нозе и испреплетени раце
јас сум мешавина од осамени гласови
јас сум кафезот на боговите кои
спијат во длабочините на јазикот
опачината на избришаното
позадината на текстот
последната позната адреса на магиите
јас сум празниот плик кој патува
во потрага по пораката
што во своето сеќавање
ја крие еден непознат примач

Превод од француски јазик Надица Николоска

* Плочка – детска игра која се состои во цртање шаблон од квадратчиња со броеви од 1 до 8 на земјата. Потоа секој играч фрла плоснато камче погодувајќи ги полињата и скока со една нога до соодветното поле, го подигнува камчето и продолжува со скокање по полињата.

 

 

1.3

со совладана наука за стравот
поминат обредот на нож под грлото
трчав целиот мој живот
за да си ја испомешам сопствената слика
да си украдам реплика
направив сè за да се лишам од спомени
бев глув на повиците
стрела која ја поминува целта
потсмевајќи се на сопствените неверни одрази

со толку бледи одговори
со толку нејасна уста
што никој повеќе нема
што да прочита од моите усни
нема повеќе погледи за пресретнување
нема повеќе лаги кои збунуваат
моите очи печат во сите цели
и пурпурното вино на несоницата ми го премачкува ликот
креветите не ја задржаа трагата на мојата силуета
ниту тревата моите чекори

се делам на илјадници правци
се сведувам на озборувања
нека ми прозбори некое битие и
боите на неговиот глас да бидат мои
нека ме допре некое битие и
неговите отпечатоци да ми припаѓаат

Превод од француски јазик Надица Николоска

 

 

1.2

Следејќи го покајанието на патиштата
расцепите на пејзажот
дијагоналата на лудаците
наборите на страницата
фрактурата на логиката
кривините на умот

чекорам за да ги избришам патиштата
ги стегам мравките на времето во моите тупаници
зборувам без водство за да се затемнам
од мистеријата на зборовите кои ми претходат
пешак со чекори расипани
од соседството со плевел и инсекти
воајер со срце прободено од светлината на некое друго место
брзоплет кој му зборува на амбисот за да го забави својот пад

изгледа дека длабоко во шумите
крцкаат врати
и тогаш како јазол се движам
помеѓу дрвата со извиткани прсти
обесениот чирак го влече своето јаже
мојот полов орган плаче над мртвите стебла

гласовите се оддалечуваат еден по еден
и врз моето наоблачено лице
малата сина месечина
се соголува од мојата насмевка
додека елипсите
цик-цак скоковите и потскокнувањата
ги врзуваат неважностите
во еден дијалог во кој ги кани мојата тишина

Превод од француски јазик Надица Николоска

 

 

1.1

крилат облак
сончева шлаканица за момент рефлектирана
од еден прозорец кој се затвора
така бега мислата

пепелниците не проговорија

во болежливата грмушка пречкртани чкртаници
никаква слика во исчекување да биде набрана
никаква ламба со потемнето стакло
која ќе светнеше одеднаш помилувана
од неколку прсти искривени како корени

па се прашувам вечерва
дали нешто
некаква ненадејна лутина на земјата
наспроти исправените стаклени заговори
за надминување на благодетите на небото
овие честички од космичка прашина
паднати над нашите градови
наталожени во нашите олуци
кои би откриле фалинка во елементарната физика
некој таен закон на човечката психа
се прашувам вечерва дали некаква несреќа
не ќе му дозволи на поројот
да ме избрише како детски цртеж
на вратата од просторијата за ѓубре
да ме истутка како парче облека
врз напукнатите плочки на еден балкон без потстанар

и за да го излажам ветрот
за да го спасам моето непостоење
што лизгајќи врз огледалата на дождот
мојот дијамантски ѓон на крадец
отсекува пасуси кон блесоците
кои се разлеваат во длабочините на ноќта

Превод од француски јазик Надица Николоска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©