Адонис
На песната
Нема ли да го промениш тој црн фустан што го носиш кога идеш кај мене?
Зошто настојуваш да ставам парче ноќ во секој збор од тебе? Како и каде си
ја добила оваа полетна сила што вјурнува во просторот уште кога си само
неколку зборови на парче хартија?
Не староста, туку детството ти го полни лицето со брчки.
Види како денот ја положил главата врз рамото на сонцето, и како во твое
друштво јас заспивам преморен сред бедрата на ноќта.
Пристигнала кошничката, онаа што ти носи писма за непознатото.
Кажи му на ветрот дека ништо нема да те спречи да ми се вовлечеш под
облеката. Но и прашај го „Каква работа работиш, и за кого работиш?“
Среќата и тагата се две капки роса на твоето чело, а животот е овошна градина
кај што се тркалаат годишните времиња.
Никогаш не сум видел војна помеѓу две светлини како онаа што избувна помеѓу
тебе и папокот на жената што ја љубев како дете.
Урнатини
Месечината ги крши своите огледала врз урнатините додека Бејрут си прави
патерици од крв и пепел и куца со нив.
Вистина е. Небото има синџири околу стапалата, а ѕвездите ги опашале со
ножеви на половината.
Денот си ги трие очите во неверување на она што го гледа.
Плачи, Бејруте, бриши си ги солзите со шамивчето на хоризонтот. Повторно го
испиша небото, но погреши, и сега твоите грешки те пишуваат тебе.
Имаш ли друга азбука?
***
Горка несоница доаѓа да си ги запали свеќите
Да ги вратам ли писмата на мојата љубов во мастилото?
Да ги искинам ли овие слики?
Си го читам телово сега
и ја полнам свеќата на оваа долга ноќ со тага