|Вања Изова-Велева 

Вања Изова-Велева е родена во 1972 година. Дипломирала  на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на групата македонска книжевност со јужнословенски книжевности. Магистрирала на Институтот за македонска литература, со звање м-р по културологија во книжевноста. Добитничка на следните награди: прва награда на манифестацијата „Празник на липите“, трета награда од „Меѓународното друштво за поезија“ (2005), втора награда на „25-тите Караманови средби“, награда во книгата „Гарави сокак“ на Деветнаесеттата меѓународна средба на поети во 2008, како и општинска награда „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченицци“ во Струмица, за посебен придонес во областа на културата и образованието во 2015. Нејзината поезија била објавена во голем број списанија на најразлични јазици. Нејзините песни се застапени во голем број поетски и прозни книги, а таа е автор на следните дела: „Вентил во постоењето“ (1993), „Смртта на рибата“ (1995), „Зашиени грла“ (1997), „Правта не зборува“ (2002), „Плач во кутија“ (2007), „Бездна угоре“ (2010), „Неколку легенди за Струма“ (2011) (прозно издание), „Позајмена прашина“ (2013), „Жената и каменот“, (2013) (проза), „Безмалку“, (2015) (избрана поезија) и „Чекор по жица“ (2017). Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година, член на интернационалното друштво на поети, член на претседателството на ДПМ 2000-2002 и 2002-2004 година, член на жири комисијата за наградата „Ацо Шопов“ во 2006 и 2008, и член на жири комисијата за наградата „Ацо Караманов“.


ПАТНИК

Јас сум патник со куфер полн чад
го носам како куќарка за да ми го чува домот.
Одвреме-навреме го отворам
за да ги видам пријателите пакувани уредно под
конец
Патник сум со куфер полн црвен чад
ги разнесувам спомените и очекувањата
секаде по малку и оставам фенери
да не изгасне сеќавањето
да не исчезне споменот.
Патник сум во место
заглавен во минатото
изморен од зборот
растрчан по мислата.
Куферот ми го голта чадот
и ја чисти внатрешноста
за да видам подобро
за да спознаам полесно
Мојата куќарка е голема
со порта ширум отворена и окно притаено
добродојдени се и непоканетите
поканети се и оние без куфер.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©