|Виолета Танчева-Златева

Виолета Танчева-Златева (25.04.1968, с. Бориево, Струмица) дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Југословенска книжевност. Член e на ДПМ од 2000 година. Член е на Редакцијата на списанието за книжевност и култура АКТ, на Редакцијата на списанието на ДПМ „Стожер“, како и на Здружението на лекторите на Македонија. Работи како лектор во Издавачки центар ТРИ, Скопје. Пишува поезија, проза и есеи. Ги објавила прозните книги: „Книга за сонот“ (проза и песни во проза, 1992), „Враќања“ (роман, 1993), „Враќајќи се во Бориево“ (раскази, 1999), како и романот за деца во писма „Шарени писма“ (2008). Автор е на стихозбирките „Мојот Пикасо“ (2007), „Заробеници на молкот“ (2010), „Огнена“ (2011), „Нашата приказна“ (2013), „Година без лето“ (2015) и „Патот“ (2018).

Освоила четири награди на анонимниот Конкурс за краток расказ на „Андриќеви денови на културата“ во Травник во 80-тите години, прва награда за проза на анонимниот конкурс на Независни изданија „Ѓурѓа“ за Книга за сонот, наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП за најдобра поетска книга објавена меѓу две фестивалски изданија во 2015 г. за „Година без лето“, како и наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга за Патот.


ДА БИДЕ ИЛИ НЕ

После ова
светот никогаш повеќе нема да биде ист –
којзнае колкумина го кажале ова
низ вековите
дури реки крвишта и солзи течеле
плипот болки се болувале
молитви од душите се корнеле
Светот никогаш повеќе нема да биде ист –
си помислувале страдалниците
си шепотеле в пазуви
трупајќи ги мртвите
како непотребен отпад отфрлен од животот
Можеби и ридале
оти морале тоа да го видат а да не обневидат

И ништо не научивме од сите црнила и чуми
што преку глава ни поминале
Ги затвораме умовите пред Темникот –
премногу е страшен да го појмиме
Ние сме светли суштества, Господе –
нели ти такви нѐ сотвори
Или барем такви требаше да бидеме?
И дали после ова светот нема веќе да е ист?
Па и не треба да биде!

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©