| Влада Урошевиќ
Роден во Скопје на 17.10. 1934 година. Поет, раскажувач, романсиер, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар, преведувач, универзитетски професор. Дописен член е на меѓународната Академија Маларме во Париз и редовен член на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Член е на МАНУ, на Македонскиот ПЕН-центар и на ДПМ. Се јавува како пасиониран истражувач на противречната феноменологија на литературната и на научната фантастика, на митолошките системи на минатото и на денешнината, на ирационализмите од ониричките доживувања присутни во модерниот и постмодерниот поетски и раскажувачки дискурс, почнувајќи од книгата „Мрежа за неуловливото“ (1980), преку „Нишката на Аријадна“ (1985) и „Демони и галаксии“ (1988), па сѐ до „Астролаб“ (2000). Затоа, и како автор израснува во поет и раскажувач на фантастичното, ониричкото, надреалното. Дебитира со стихозбирката „Еден друг град“ (1959). Првиот негов роман го носи насловот „Вкусот на праските“ (1965), а првата негова збирка раскази „Знаци“ (1969). Урошевиќ ја претставува најкомпетентно т.н. трета генерација македонски поети преку антологискиот избор „Црниот бик на летото“ (1963), а потоа и со есеи и критики собрани под наслов „Врсници“ (1971).
ДЕЛА: „Еден друг град“ (поезија, 1959), „Невиделица“ (поезија, 1962), „Вкусот на праските“ (роман, 1965), „Манекен во пејзажот“ (поезија, 1967), „Летен дожд“ (поезија, 1967), „Знаци“ (раскази, 1969), „Врсници“ (критики и есеи, 1971), „Ноќниот пајтон“ (раскази, 1972), „Ѕвездена терезија“ (поезија, 1973), „Нуркачко ѕвоно“ (поезија, 1975), „Сонувачот и празнината“ (поезија, 1979), „Мрежа на неуловливото“ (критики и есеи, 1980), „Лов на еднорози“ (раскази, 1983), „Компасот на сонот“ (поезија, 1984), „Нишката на Аријадна“ (критики и есеи, 1985), „Хипнополис“ (поезија, 1986), „Подземна палата“ (есеи, 1987), „Демони и галаксии“ (студија, 1988), „Панична планета“ (поезија, 1989), „Алдебаран“ (записи и патописи, 1991), „Митската оска на светот“ (критики и есеи, 1993), „Ризиците на занаетот“ (поезија, 1993), „Мојата роднина Емилија“ (роман, 1994), „Паники“ (поезија, 1995), „Дворскиот поет во апарат за летање“ (роман, 1996), „Париски приказни“ (записи и патописи, 1997), „Астролаб“ (критики и есеи, 2000), „Дива лига“ (роман, 2000); антологии: „Француска поезија – 20 век“ (1972), „Црна кула“ (1976), „Современа македонска поезија“ (на српскохрватски јазик, 1978), „Космос в амбар“ (на холандски јазик, 1980), „Кула“ (на узбечки јазик, 1981), „Големата авантура: францускиот надреализам“ (1993), „Шуми под море“ (кратката прозна форма во француската литература, 1994), „Златна книга на француската поезија“ (1996), „Седум француски поети“ (2001), „Избрани дела“ (2004).