| Зоран Анчевски

zoran-anchevskiПоет, универзитетски професор, преведувач, есеист. Има објавено осум поетски збирки што се одлично примени од критиката, високо оценети и наградено со различни награди во земјата и во странство, како што се наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга (1984), меѓународната награда „Џакомо Леопарди“ во Италија (2004), највисоката национална награда за поезија  „Браќа Миладиновци“ на СВП за Небесна пантомима, како најдобра поетска книга во 2018 година и др.. Исто така има објавено голем број есеи, критички осврти, и студија од доменот на книжевната теорија, За традицијата (2007). Приредил и превел на англиски јазик неколку антологиски избори македонска поезија и куса проза, а речиси да нема позначаен македонски или англо-американски поет што го не го превел на македонски или на англиски јазик. За неговарта преведувачко дело ја добил највисоката национална награда за превод „Греигор Прличев“ (2001). Избори од неговата поезија се преведени и објавени на над дваесет јазици во бројни и значајни странски списанија и антологии. Неговите Избрани песни на македонски и англиски јазик се објавени во 2011 година. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, бил двапати секретар на македонскиот ПЕН центар и негов актуелен претседател, а раководел и со УО на СВП (2002-2007). Живее и работи во Скопје, Р. Македонија.


Ноќна куќа

 

Оваа куќа е населена со болни години,

а нема во неа ни жива душа за да ѝ забае.

Мрачна е и ладна ко згасната ѕвезда

од која се отселило последното

мирољубиво семејство бедници.

 

Лилјаците стокмиле розета на таванот

и се единствени слепи сведоци

на тој вртолум меѓу денот и ноќта

што во оваа куќа се разликуваат

како идентични близнаци.

 

Огништето се сторило влакнеста зандана

на заборавот. Нема сила ни за спомен,

ни за пламен, со кој курбанот ќе го згрее,

поставен со еден благослов и безброј надежи

во источниот темел што зборува со сонцето.

 

Очајот во оваа куќа е бунар на желби –

разрушен веќе, прибежиште на вонземјани.

Во дворот диво растат празни ветувања

од различни поколенија и цветаат нови,

миризливо многу попривлечни.

 

Стојам до неа како пред напуштено царство.

Тивка е: заринкан брод во стаклено шише.

Безгласен крик ко остра срча ѝ вие во мевот…

Знае: наскоро и јас ќе запловам по тајни канали

кон некој неоткриен остров на среќата.

 

Витолиште, Мариово, 2016

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©