| Иван Џепароски

Иван (Ивица) Џепароски (9 мај 1958, Скопје) е поет, филозоф, естетичар, критичар и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на дваесет и осум книги, и тоа: на шест поетски книги, на три поетски антологии, на тринаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија и на шест теориско-есеистички избори. За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993), „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004–2009; 2013–2020), раководител на постдипломските студии на овој институт (2009–2013) и секретар на македонскиот ПЕН-центар (1999–2001; 2008–2014). Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, Дејвид Хјум, Едмунд Берк итн. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над дваесетина стански јазици во светот, а избори од неговата поезија се објавени во одделни книги во Бугарија, Србија, Романија и Косово. Неговата книга „Македонскиот есеј“ е преведена на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик (2011–2016), додека книгата „Уметничкото дело“ (2018) на албански јазик.  Поетски дела: Слики од изложбата, Скопје: Наша книга, 1989; Еклоги; Скопје: Македонска книга, 1992; Песни, Скопје: Детска радост, 1998; Волја за мисла, Битола: Микена, 2008; Грабнувањето на Европа, Скопје: Дијалог, 2012; Светлината на Света Гора, Скопје: Магор, 2015. Поетски антологии: Убави зборови (избор од современата јужнословенска поезија за деца), Скопје: Детска радост, 1994; (трето изд.) Скопје: Просветно дело, 2017; Антологија на солзите (избор и предговор), Скопје: МакеДокс, 2012; Арката на Ное: Поезија и Animalia (избор и предговор), Струга: СВП. Преводи на странски јазици: Сега и тогава (съставителство, превод от македонски език Д. Христов), София – Скопје: Мултипринт – Макавеј, 2006; Will for Thought (Macedonian Literature in English, Vol. 82, Translation from Macedonian Ana Mitoska), Skopje: St.Clement of Ohrid, National and University Library – Skopje, 2011; Sedimente ale istoriei/Layers of History (bilingual poetry edition) Talmaciri din macedoneana de Dumitru M. Ion si Carolina Ilica, Bukuresti: Academia Internaţionalǎ Orient-Occident, 2012; The Light of Mount Athos (Translated from the Macedonian into English by Zoran Ančevski),Struga: Struga Poetry Evenings, 2017; Светлост Свете Горе (превео са македонског на српски Рајко Лукач), Београд: Граматик, 2018; Grabitja e Evropës (përktheu: Shkëlzen Halimi), Prishtinë: Armagedoni, 2020.


IV. ПРЕЧКИ ВО ВРСКИТЕ:
НОЌ ВО ОПЕРАТА

Лакот на грлото ѝ се затега,
нозете ѝ се подраширено-стабилни,
рацете, пак, вклештено-подвижни,
градите и стомакот: давеничко-надуени.

Изнурнува неспокојно песната на сирената,
по планктоните се јази пругоре,
но јагула на патот ги разнишува скалилата
и гласот пропаѓа повторно во длабочините.

Каква бурна ноќ во операта!
Славната Салома го губи гласот
пред очите на илјадната публика
и главата на љубениот Јован.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©