|Лулзим Хазири

Lulzim

Лулзим Хазири роден 1962 год., Гостивар, Македонија

Објавени книги со поезија: „Песната се раѓа во самотија“ (Kënga lind në vetmi), Рилиндја, 1989 год., „Кога вратите се отвораат со ѕвона“ (Kur dyert hapen me zile), Ватра, 1995 год., „Излез од Сафари“ (Dalja nga Safari), Брези 9, 2005 год., „Самотија обесена како број на порта“ (Vetmi e varur si numër në portë), Логос-А, 2015 год. Објавени книги со есеи и колумни: Албански рокенрол! (Rokenrolli shqiptar!), Шкупи, 2000 год., Црно и бело (Bardhë e zi), Носити Ш, 2010 год. Преведени книги: „Кога љубовта се троши како креда“ (превод на песни на македонски јазик), ГОТЕН, 2017 год. Песните му се преведени на англиски, француски, романски, хрватски и македонски јазик. Има објавено и неколку раскази. Активен во полето на заштита на човековите права.


ЛИСТ ОД ЧАЈ ДРЖАМ В УСТА

доаѓаш од далечни егзотични краишта
црн во дрвени сандачиња
made in Третиот свет
како окован роб кој го чека купувачот
во новите колонии одамна откриени
те купуваме во лимена кутија
и не му ја мислиме како те береле
дали растеш на дрво како јаболко
или од земја никнуваш како билка
не се грижиме како чекорат берачите
кога смртта ги следи како агент
за нас едноставно ти растеш во кутија
те разменуваме за два метра синтетика
за еден сандак куршуми и две пушки
за чуварот на плантажата
да ги варди берачите однатре жицата
и сонот на газдата под палмата
доаѓаш да нè обединиш во пет часот
(или седумнаесет како што велат на ТВ)
се собираме околу чајникот
кој подобро од штурецот песна си пее
се шеташ низ нашите пломбирани заби
заедно со зборовите што црв ги изеде
Јазикот ни го дебелееш за два прста
што не можеме ниту да ја свирнеме
мелодијата на победничката песна
„Лист од чај држам в уста“
која е хит на радио
од убавите кутии од чајот
правиме колекција
дури и ги креваме во поп-арт
таму далеку на децата на берачите
ако им паднат в раце
ги чуваат како музички кутии

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©