| Мангалеш Дабрал

Мангалеш Дабрал е роден во 1948 во округот Техри Гарвал во Хималајскиот Регион. Возрасниот живот го поминал како уредник за култура во најразлични весници од Делхи. Неговите книги вклучуваат шест збирки поезија, именувани „Фенер на планината“ (1981), „Патот дома“ (1981), „Она што го гледаме“ (1995), „И гласот е место“ (2000), „Непријател во новата ера“ (2014) и „Меморијата е друго време“ (2020); две збирки книжевни есеи и социо-културолошки коментари со наслов „Лебот на писателот“ (1998) и „Самотијата на поетот“ (2008), два патеписни романи „Еднаш, Ајова“ и „Пат и место“ (2020), како и книга со разговори „Подизјави“ (2014). Тој бил член на Меѓународната програма за писатели на Универзитетот „Ајова“ во 1991. Бил учесник на Меѓународниот поетски фестивал во Ротердам, Холандија во 2008, и на Меѓународниот поетски фестивал „Сабад“ во Њу Делхи во 2014. Читал на поетски собири во Бугарија, Чехословачка, Непал, Маврициус, Јапонија, Русија и најразлични градови во Германија, како, на пример, Саемот на книга во Франкфурт во 2006. Тој ги има преведено на хинду јазик песните на Неруда, Брехт, Карденал, Рицос, Рожевич, Херберт и други. Добитник е на бројни награди, како „Шамсер Саман“ (1995), „Пахал Саман“ (1998), „Сахитја академска награда“ (2000), „Дели хинду академи сатикар саман“ (2001) и Наградата „Кумар Викал Смрити“ (2008). Песните на Дабрал се преведени и објавени на сите поголеми индиски јазици, како и на руски, германски, холандски, шпански, француски, италијански, јапонски, полски, бугарски, португалски и српски. Биле вклучени во многу антологии, како: „Периплус“, Преживување“, „Гестови“, итн.

Батериска лампа

На времето, кога бев дете
Татко ми донесе дома батериска лампа
шарите на стаклото налик на фаровите на денешните коли
Тоа беше првиот апарат за светлина во нашите краишта
зракот кога му заискруваше, чудесно ноќта ја делеше на две.

Едно утро, бабичка од соседството се појави на нашата врата
– Синко, ќе ми дадеш ли малку огин од твојата машина,
ми треба да ја запалам печката.
Татко се насмевна – Тетке, ова чудо нема огин, само светлина
Го палиме само кога е мрак за да можеме
да видиме каде одат сурите ридски патеки.
Ах – рече бабичката – колку добро би било кога би имало и малку огин
кога ноќта доаѓа, се грижам како ќе запалам огин следното утро.
Татко ми остана молчелив долго потоа.

После сите овие години, светлината од лампата,
желбата на бабичката за оган и беспомошноста на Татко
сè уште ми одекнуваат како песна за иронијата на нашето време.


 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©