| Никола Маџиров
Никола Маџиров (27. 10. 1973 год. во Струмица) – македонски поет, есеист и преведувач. Дела: „Заклучени во градот“ (поезија, 1999), „Некаде никаде“ (поезија, 1999), „Асфалт, но небо“ (поезија, 2003), „Преместен камен“ (поезија, 2007). Добитник е наградите „Студентски збор“, „Ацо Караманов“, „Браќа Миладиновци“ и европската награда за млад поет „Хуберт Бурда“, која се доделува на автори родени во Централна и Источна Европа. Неговата поезија е преведена на повеќе јазици и објавувана е во неколку избори и антологии на македонската поезија. Координатор е за Македонија на меѓународната поетска мрежа Лѕриклине. Бил учесник на повеќе меѓународни поетски фестивали и добитник е на неколку меѓународни признанија и стипендии (Интернационал Њритинг Програм от Университѕ од Иоња; Куилтур Контакт ин Виенна; Интернатионалес Хаус дер Ауторен Граз; Литереатур Хаус НÖ).
БРЗ Е ВЕКОТ
Брз е векот. Да бев ветер,
ќе ги лупев корите на дрвјата
и фасадите на периферните згради.
Да бев злато, ќе ме криеја во подруми,
во ровлива земја и меѓу скршени играчки,
ќе ме заборавеа татковците, а нивните синови
трајно ќе ме паметеа.
Да бев куче, немаше да ми биде страв
од бегалци, да бев месечина немаше
да се плашам од смртни казни.
Да бев ѕиден часовник
ќе ги криев пукнатините на ѕидот.
Брз е векот. Ги преживуваме слабите земјотреси
гледајќи кон небото, а не кон земјата.
Ги отвораме прозорците за да влезе воздух
од местата каде што никогаш не сме биле.
Војни не постојат, зашто секој ден некој
го ранува нашето срце. Брз е векот.
Побрз од зборот.
Да бев мртов, сите ќе ми веруваа
кога молчам.