|Петар Матовиќ

Петар Матовиќ е роден во 1978 година во Ужице, а дипломирал српска книжевност во Белград. Пишува поезија и есеи, објавува во весници, а застапен е во повеќе антологии во земјата и странство. Песните му се преведени на повеќе јазици: полски, англиски, германски, шведски, француски, италијански, шпански, каталонски, португалски, летонски, галициски, романски, македонски, словенечки, словачки и унгарски. Ги објавил поетските збирки: „Кратки претстави“ (1996), „Куферите на Џим Џармуш“ (2009, преведени изданија: Walizki Jima Jarmusha, Maximum, Krakow, 2011, Les maletes de Jim Jarmusch, La Cantarida, Palma de Mallorca, 2013); „Од каде доаѓаат дабарите“ (2013), „Од среќната република“ (2017) и „Не леб, туку морфиум – избрани песни“ (Загреб, 2019). Добитник е на стипендијата „Гауде Полонија“ (2013) од Министерството за култура на Република Полска, Балтички центар за писатели и преведувачи (Визби, Шведска, 2015), „Традуки“ (Сплит, 2016), „Кулутрконтакт“ (Виена, 2017), и „Q21“ (Виена, 2017). Добитник е на наградите „Треќи трг“ (За „Куферите на Џим Џармуш“) и „Бранко Милковиќ“ за збирката песни „Од среќната република“. Живее во Пожега, Србија.


ДЕПОНИЈАТА НА ЕВРОПА

 

I live on the Bakans, им велам на туристите од Европската Унија,

i write poetry, им објаснувам со што се занимавам;

климаат со глава во знак на одобрување пензионерите

од Фолксвагеновиот погон во Волфсбург:

Не се сомневам – поезијата на Балканот е егзотична

дестинација за западноевропските туристи.

 

Ветрот ѝ го крева фустанот на исончанатa Германка,

дама во години со етноѓердани,

слушам опори гласови што изговараат имиња на земји

чии јазици веќе не смеам да ги разберам:

Montenegro, Croacija, Bosnia and Hercegovina, Serbia.

 

А забележлива е обновата на монархијата:

во цутењето на јоргованите во сербијанските села

феудализмот, пролетва, непростливо пристига.

 

Се тешам дека ни оди трговијата,

пиратеријата на цедеа, козметички производи.

Во центарот на гратчево на југот на државата

ме убедуваат дека исток е преку границата,

а, всушност, сè е во мешањето на слоговите 

чајниз, ромски и сербијански.

 

Сонцето во лавата на Западот нагло зајде врз мојата усна,

ја гризам зашто ме чеша, си ја собирам робата,

си одам од плоштадот не обѕрнувајќи се. Зад мене

трескот, жубор, глаголиви странци и домородци.

Има ли, освен љубовта, друго решение за Балканот,

официјалната депонија на Европа. 

НЕ МИ СЕ ЗБОРУВА ЗА АУШВИЦ

 

Не фотографирај, ме советуваа

пред патувањето, пушти да 

те обземе, да те понесе.

 

Молитвени шалови висеа

во витрините, нестварни,

неподвижни.

 

Пријди со стравопочит,

ми велеа.

 

It was fun, рече на излегување 

студентката од Америка, додека објективот

се вовлекуваше во телото на камерата.

 

Светлоста на рефлекторот цутеше на стаклото:

зад него тони човечка коса.

 

На враќање дома ме бакнува дјевушка, водич

во комплексот, и тогаш чувствувам како прашината 

ѝ слегува по облеката и кожата и ни го презема станот.

 

Пишувај за тоа, вели еден познаник,

тоа е добар мотив.

 

Под осветлувањето не блеска

ниту една честичка, ништо. Зад стаклениот

фронт се туркаат куфери.

 

Превозникот нуди специјални попусти  

на повратните билети до Осенчим.

 

Планината обувки во вакуум

со еден чекор би исчезнала.

Никогаш не се изабија тие ѓонови.

 

Немав некој избор во гратчето,

освен да читам за холокаустот.

 

Сега живеам во Краков. Сувенири

насекаде. Не ми се зборува за Аушвиц.

Кога ќе помислам на родината, замолчувам.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©