Почина современиот светски поет Вилијам Стенли Мервин, добитник на наградата „Златен венец“ на СВП во 2005 година

Еден од најголемите современи светски поети, Вилијам С. Мервин почина синоќа на 91 – годишна возраст во неговиот дом на Хаваи.

Вилијам Стенли Мервин е роден на 30 септември 1927 година во Њујорк, каде го поминува своето детство до 1936 година, кога неговата фамилија се преселува во Скрентон (Пенсилванија). Уште на 5 годишна возраст започнал со пишување на црковни песни на својот татко, кој бил презвитеријански свештеник. Во 1949 година, на 22-годишна возраст, доаѓа во Европа и следните седум години работи како тутор и активно ја проучува и преведува европската поетска традиција (од француски, шпански, португалски и латински јазик). Живеел во Франција, Португалија и на Мајорка. За време на неговиот престој во Мајорка, се запознал со реномираниот поет Роберт Грејвс.

Неговиот поетски опус ги опфаќа збирките: првите поетски збирки „Маска за Јанус“ (1952, избрана за најквалитетна дебитантска збирка од американски автор од страна на В. Х. Одн), „Мечки што танцуваат“ (1954), „Зелено со ѕверови“ (1956), во која вклучува експерименти што дотогаш не се видени и прочитани во современата американска поетска традиција. По првите книги следуваат и „Пијан во печката“ (1960), „Подвижна цел“ (1963), „Вошки“ (1957), „Носач на скали“ (1970), „Бледите деца на рударот“ (1970, куса поетска проза), „Записи за недовршена музичка придружба“ (1973), „Цветот компас“ (1977), „Куќи и патници“ (1977, куса поетска проза) и други. Пролетта 2005 излегоа од печат и неговите „Избрани песни“ 1951-2001. На крајот од 1970-те Мервин се сели на Хаваите каде ја надградува својата поезија со нови искуства и слики како резултат на што се појавуваат збирките „Откривање на островите“ (1982), „Отворање на дланката“ (1983), „Дожд во дрвјата“ (1987), „Патувања“ (1993), како и збирка куси прозни и есеистички записи „Неврамени оригинали“ (1982).

За својот поетски опус ги има добиено престижните американски награди: Танинг, Болинген, наградата на Американската поетска академија (1974), Рут Лили, Пулицеровата награда која ја добива двапати („Носач на скали“ во 1970 година и „Сенката на Сириус“ во 2008 година) и наградата Ланан за животно дело. Во 2010, Конгресната библиотека го прогласи Вилијам С. Мервин за 17-ти Поет Лауреат на Соединетите Американски Држави.

Покрај тоа што е извонредно плоден поет, Мервин е и неуморен преведувач, за што го има добиено највисокото признание за превод во САД на американскиот ПЕН клуб (1979).

Вилијам С. Мервин бил ангажиран противник на војната во Виетнам и голем борец против уништувањето на животната средина.

Во 2005 година Мервин е добитник на реномираната награда „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©