Јасухиро Јоцумото

Јасухиро Јоцумото – роден во 1959. Поет, романсиер, есеист и преведувач. Има издадено 13 поетски збирки, меѓу кои и „Насмеаната бубачка“ (1991),  „Светскиот конгрес на средовечните“ (2002, Награда „Јамамото Кеничи“), „Попладне на забранети зборови“ (2003, Награда „Хагивара Сакутаро“), „Затвореник на Јапонците“ (2012, Награда „Ајукава Нобуо“), „Кап кап монотонија, неумешно, диво“ (2017), и „Роман“ (2017). Во превод на англиски јазик издадени се: „Семејна соба“ и „Песни од Минашита Кириу, Јоцумото Јасухиро и Сох Сакон“ (обете издадени од „Вагабонд прес“). Тој има објавено два романи, „Лажниот поет“ (2015) и „Поетскиот дневник на жлездата простата“ (2018), доследни на класичниот стил на комбинација од стихови и проза. Јасухиро е, исто така, активен во преведувачките води („Поетските дела на хомо сапиенсот“ – антологија на современа поезија од 32 поети во 22 земји, „Дете“ од Симон Армитаж) и книжевната критика („Шунтарологија“, дисертација за поетиката на Шунтаро Таникава, како и собраните есеи „За драгите поети!“).


СЕМЕЈНА СОБА

Таткото не знае
дека синот пуши „марлборо“ во шумската чистинка,
свечено и церемонијално,
како во ритуалите на домородните Американци.

Синот не знае
дека сестрата стои час и подолго
пред огледалото во тоалетот,
налик принцеза магично престорена во пајак.

Сестрата не знае
што почувствувал мачорот Санчо, освен болка,
кога го прегазиле дур сјајната розова утроба
му била растурена по тротоарот.

Мачорот не знае
што сакаше јасенот во градината да му каже
на облакот кој надлетуваше над покривот
кога силовито си ги тресеше гранките.

Но само облакот знае
дека еден бел алигатор расте бавно и сталожено,
длабоко во телото и душата
на мајката.

Мајката не знае
како изгледа нејзиното смуртено лице
во очите на сопругот
и какво пророштво му искажува.

Во името на прадедовите љубовни писма, законите на Мендел
и солениот лосос
семејството се состави. Членовите се собираат
во дневната соба посипана со рибни коски и птичји пердуви
и преку смеење и карање, за момент, достигнуваат бесмртност.

Мачорот Санчо,
сега воскреснат, си ги остри канџите
и само гледа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©