Ференц Јухас

Сликарот кого го викаат Шимон

„Добро би било, Ференц, едноставно да си заминеме”,
рече сликарот Шимон старечки поревајќи се, темен,
смешкајќи се, мовлесто, како коприва, ко трнка,
ко калпак од зајачка кожа, како галаксиска гранка,
што се клати ко трнлив костур во ветрот,
со вселенски дијамантски крст на вратот.
Пред него лазаше неговата тешка сенка, ко подгрбавен
од индиго стуткан модар гуштер, остаток од минатото,
а пред него се тетеравеше, со четка од пена на усните,
крвава, исплукана, измокрена, испотепана,
уркана кон распетието, кон светлината, барајќи го
оној кој никогаш не ја облекол златната кошула
на човечкиот грев, а на главата трнливата круна,
како сплет од ѕвезден венец,
расклатената глава со крваво решеткаво лице,
ко магарешки трн и како млечка со капа од памук.
Шимоне, Шимоне: зарем така ќе си заминеме?
Сал толку ли е светскиот пекол, толку само?
Крстоносецот дали добил доста јадење-пиење?
До крвавите заби подаден киселински сунѓер.
И никакво минато, никаков глагол, никакво утре.
Така разбранетата лудост, бурното море ќе иде довек,
така ќе стане од човека Бог, а од Бога човек.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©