Шејмас Хини

Сопствен Хеликон

Ha Мајкл Лонгли

Ko дете, од бунарите не можеа да ме одвојат
и од старите ѓерани со чекреци и коблиња.
Ја сакав темната капка, небото заробено, мирисот бајат
на тревишта водни, на влажна мов и стаена тиња.

Крај таков бунар во цигланата, под стреиче скапано,
на коблето му го пиев плесокот раскошен
што прудолу јурна на крајот од јажето врзано.
Толку длабок, ни отсјај да нема од ликот надвисен.

А крај еден плиток, во мртвица сува,
што како аквариум вриеше,
штом корен долг ќе потегнев од тињата глува
призрачно лице по дното ќе шмугнеше.

Други со ехо беа полни, ми го враќаа назад гласот
со музика јасна и гласна. Од еден пак
уплав дури ме фати: од водовриката и папратот
вишен, ставор врз ликот ми скокна в лак.

Сега пак, ко возрасен, под чест ми е мувли да пипкам,
корење да корнам, ко Нарцис ококорен
над извори да зјапам. Во слик себеси се сликам
темничиштево да го истерам ко звук од ехо морен.

прев. Зоран Анчевски

 

 

Копање

Меѓу показалецот и палецот
пенкалово ми лежи; револвер запнат.

Под прозорецот, јасен остер чкртеж,
тоа дурија тоне во песочникот:
татко ми, копа. Поглед фрлам

Врз грбот напнат сред цветните леи
што ниско се свива, па се крева пред дваесет лета,
чекори во ритам сред компиров насад
и со дуријата копа.

Грубата чизма врз ушето легната, рачката
меѓу коленици стегната цврсто.
Бусени корне, врвот светол длабоко тоне
да раскопа млади компири што ги збиравме
замаени од ладната облост во нашите дланки.

Боже мој, стариот со дурија беше вешт.
Исто како и стариот негов.

Дедо ми вадеше повеќе тресет дневно
од кого и да е во Тонеровата јама.
Еднаш му однесов шише млеко
несмасно затворено со хартиен чеп. Се исправи
да пие, па веднаш назад се сведна
да парчи и реско да сече, грутки преку рамо
да фрла, удолу да рие
во потрага по добар тресет. Да копа.

Студен мирис на компири, џвркот и плускот
во ѓолот тресетен, рез точен на сечило
низ корењето живо во умов ми се буди.
Но немам дурија мажиштата вакви да ги следам.

Меѓи показалецот и палецот
пенкалово ми лежи.
Со него ќе копам.

прев.Зоран Анчевски

 

 

Голтка вода

Таа секое утро идеше да налее вода
како стар лилјак што се тетерави по полето:
зарипнатата кашлица на пумпата, ѕвекотот на кофата
и неговото диминуендо дури се полнеше
ја најавуваа. Го помнам
сивото скутале, набиеното тенеќе
од преполнетата кофа и треперливиот
пискав глас налик на чкрипежот од пумпата.
Ноќум, полната месечина се креваше над нејзиниот покрив
и се провираше низ прозорецот за да легне
во водата оставена на маса.
Тогаш се веднев да голтнам уште голтка,
да останам верен на советот напишан врз нејзината чаша,
Помни го Тој што ни дава, избледнет троа на работ.

прев. Зоран Анчевски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©