|Јовица Ивановски
Јовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на петнаесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски јазик. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019). Сè уште живее и работи во Скопје.
ШВАЛЕРСКА
Нејзините гаќи во неговиот џеб,
карминот насмеан на околувратникот.
Се душка под мишка – цел мириса на неа.
Куче е, разлигавено над нејзиното отсуство.
Одбива да се истушира за да не ги измие
допирите.
Градникот и лустерот, кошулата и фотелјата,
обетките обетнати на ушите на звучникот.
Чаршафот и сe што се излеало од нив
(коктел од љубовни сокови).
Си ги враќа позите и пак му се крева.
Знае дека нема совршено убиство,
ниту совршена љубовна измама.
Сите зад себе оставаат траги,
особено забеганите љубовници.
Не оди ова повеќе вака – си вели,
ги запоставив работата, семејството,
родбината, околината, целиот свет.
Ѝ се јавува и ѝ вели:
Соблакај се, доаѓам веднаш!