ЉУБОВЕН ПЕРДУВ ВО КРИЛОТО, СЕКУНДАРНА АРТЕРИЈА, МАЛИ ПРИВРЕМЕНИ УМИРАЊА, ЧИСТО ТЕЛО, НЕБОТО ВО ЗАГРАДИ

ЉУБОВЕН ПЕРДУВ ВО КРИЛОТО

Материјалот на моите соништа
се состои од најнеповолни нешта.

Замок во морето
каде што не видов како зајдисонцето
се распрсна портокалово.

Дамката на еден вулкан без оган
ранет од град
од еден трамвај кој ме води кон југ.

Животно квичи во далечините
без да можам да му помогнам.
Дождливо попладне со чадор.

Несовршена потрага
по една прегратка.

Кој ќе ја прочита
од моите сништа скриената таписерија
ќе ме нарече кукавица.

Понекогаш се будам
како светот да е на друго место
и доволно е да купам фотелја
меѓу небото и креветот,
тој вселенски брод што ме движи
како евтино кино
кон несигурната иднина
на друг пат со тебе.
Но, крајот е најавен
со бели букви
секогаш на темна основа.

Гледаш,
спротивно на животот,
во полумракот,
и натаму те сонувам.

Превод од шпански јазик Марија Петровска

 

 

СЕКУНДАРНА АРТЕРИЈА

Секој град ме гледа со очите на другата
со кoja можеше да шеташ по улица,
да воздивнуваш еднодушно во јавниот парк,
да фрлаш ист леб на вервериците.

Секој град има авенија што ја избегнувам,
ѕвездата од мапите,
непогрешливиот круг на туристичките водичи.
Еден пат кој ја виде како бие,
минувајќи,
покрај тебе.
Купувам костуми во одредени продавници,
фотографирам
обелисци на попис.

Јас,
тогаш,
се нурнувам во невидливи улички,
премини допрени од зората што скришум се пробива,
со саксии кои чуваат таинствени пајаци.
И танцувам како танчарка на сцена
за гледачот од прв ред.

Можеби мојот живот покрај тебе би бил тоа.
Поинаква прошетка
во град на кој уште се сеќаваш.

Превод од шпански јазик Марија Петровска

 

 

МАЛИ ПРИВРЕМЕНИ УМИРАЊА

Ова талкање по сите градови
во потрага по еден твој гест:
една кадрица, влакно, едно парче ткаенина во витрините,
една медуза топла како твојата душа,
меѓу твоите бедра и стравови,
мртов слон.

Оваа соба изнајмена кај еден олтар во Рим,
една слатка и ѕвездена милувка,
ова напразно потење низ светот:
автопати, пајажини од светлина, занемени кочии
со скалила без насока
кон срцето. Ова преселување
на друго место, без ситост,
вечно непријателство кое ме врзува
со нештата.

Ова кружење околу области како песна
истражувајќи го, без ехо, хоризонтот,
каде што го стави покривот на твоите усни
или осцилирачкиот вијадукт на прстите.

Овие парчиња небитие што те повикуваат,
ова распарчено небитие што те вика по име
и не те наоѓа
и не те наoѓа
и не те наоѓа
и не те наоѓа

(ЕХО)

Превод од шпански јазик Марија Петровска

 

 

ЧИСТО ТЕЛО

Покриена со шуплини
за сеќавањето што те донесе еден ден
ми се оддалечуваш пловејќи
како шишето со брановите,
сол што се лизга, замрзната и бавна река.

Ти го чував ќошето на милувката
среде моите катадневни ритуали.
Убив и излажав, станав друга,
Се откажав од сите места каде не беше ти
но најдов барут за живите бизони
кои живееја во моите сништа.

Затоа што сè
од паста за заби
до првите твои црвени писма на желбата
смени поштенска адреса
и веќе ништо нема да биде засекогаш
ништо не ќе се врати во истата куќа
ниту ќе те разголи со пет букви

ЉУБОВ:

нема ни да те соблечам со мене
во постелата на мојата душа.

Превод од шпански јазик Марија Петровска

 

 

НЕБОТО ВО ЗАГРАДИ

Ако нештата
се сместат во калап
не значи
дека ќе станат наши.
Можеби сакам да кажам
дека дрвото на отсуството
пуштило стебла и корења
во посочената земја.

Како неочекуван посетител,
мора да научиш да даваш
точна локација
и на празнотијата.

Превод од шпански јазик Марија Петровска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©