БОРХЕС, IV, III, II, I

БОРХЕС

Еден ден ноќта ќе загосподари со сите нешта,
среќата и несреќата ќе можат да се погледнат
право в очи зашто огледалата ќе престанат
да го противставаат човекот на неговиот напразен одраз.
Тигарот, дури во сенката на решетките, ќе сфати дека
никаква е славата од книгите; дека на митскиот јунак
од народните приказни нерасипливото злато
му е украдено и дека тој ја товари на грб својата жртва
зиморлива но достојна во виорот на бојот.
Оној што се гордееше дека е слеп, срамежлив, без
храброст, слезе во пеколот, ја зеде за жена
Беатриса и, подавајќи го грлото кон стариот брич
на Времето, му се противстави на другиот, на тој непознат двојник
зад вратата, на оној што ги раскрвавува ружите.

Превод од француски јазик Влада Урошевиќ

 

 

IV

Врз некој остров, велеше таа често,
врз некој по малку зафрлен остров
но кој сепак му се противставува на ветрот,
врз некој остров зелен и полн со дрвја,

врз него требаше да се загубиме, да се заборавиме, да си го вратиме лицето
што прилега само на себеси, каде што трае зачуденоста
пред постоењето, и да дознаеме дали срцето
е сѐ уште на своето место, тој господар на стариот брод.

Да, на еден остров, на еден остров
каде што требаше да се отвори,
малку по малку, нашето единствено богатство, а не

да се натрупува како тука, помеѓу остатоците на денот,
таму да ризикувавме сѐ фрлајќи го зарот врз килимот
а потоа, со достигнат највисок влог, да прашаме кога тргнува возот.

Превод од француски јазик Влада Урошевиќ

 

 

III

Не се залажувај, вели уште таа, постојат само
моите усни, моите гради, само мојот стомак
кои те чекаат, со одлагање од еден ден, од еден час,
пресуда на празнината која ме столчува

како некој инсект врз стаклото, само тие. Постои далеку
морето и тој песочен брег врз кој твоите бранови
еден по еден, го раѓаат ветрот.
Постои, вели таа, постои

она што е без лице, без глас: поле под снег
зад оградата – таму зимата трае веќе толку долго
што твоите сонца, твоите славни сонца

од крајот на неделата, ако воопшто го допрат,
се топат веднаш – и јас останувам да те чекам,
сама и замрзната, под твоите милувања.

Превод од француски јазик Влада Урошевиќ

 

 

II

Знам, викаше таа, знам: телефоните
не постојат, секаде е крај на светот,
луѓето лежат смачкани по плочниците,
се умира простум, на грб, помешечки,

без предупредување. Остануваат само мачките
за да се именува љубовта
на работ од бездната, и толку полошо за оние
што мирно спијат, толку полошо

за неутешнатата рамнина: вечното жито,
вечното синило и никаде ни најмало зрно
од планина на хоризонтот, ни најмало

ехо од тебе во таа бескрајна пустина,
ни најлесен трепет на крајот од телефонската жица
барем како глас што ќе ја успие ноќта.

Превод од француски јазик Влада Урошевиќ

 

 

I

Ако си дојден да останеш, вели таа, не зборувај.
Доволни се дождот и ветрот врз ќерамидите,
доволен е молкот што покуќнината го напластува
како таа прав што паѓа со векови откога ти си заминат.

Не зборувај сѐ уште. Слушај го она што беше
острица во моето тело: секој чекор, смеа во далечина,
лаење на песот, вратата што тропа
и тој воз што без престан минува

врз моите коски. Остани без зборови: нема
што да се рече. Остави го дождот да стане одново дожд
а ветрот тој прилив под ќерамидите, остави го

песот да го извикува своето име во ноќта, вратата
да тропа, непознатиот да заминува во непознатото
каде што ќе умрам. Остани ако си дошол да останеш.

Превод од француски јазик Влада Урошевиќ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©