ЛЕБЕД, ГАСЕНИЦА, ТРАДИЦИЈАТА, ЦРВЕНИОТ ВРВ* СЕ БОРИ СО ИМПЕРИЈАТА**, БОРХЕС СЕ БОРИ СО СИНОТ НА БРОДОВИТЕ

ЛЕБЕД

Затворските решетки не го прават
она што пајаковата мрежа не го прави
шипки поставени на камења
врз камења и складишта
пуста, лакотна декорација, со решетки.

Издигни ја љубовта под гранитната линија и заклучи ја со
звукот на заклучување. Врамената брава, смрзнатото море од
гранит. Чадот од затворските решетки формира дрвја.

Секоја решетка е девица. Секоја капија е јато
греди и атоми. Јас сум влакно од гранит. Станав
чедо на филтер и филигран. Јас сум
пленик пред стапалата на мрачниот дом. Синовите
му се архитекти.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

 

 

ГАСЕНИЦА

Зошто иташ, животе, зошто здодеваш со часот?
Набрзо ќе имаш време цврсто да ми ја сошиеш устава,
крпејќи со железен конец.
Олга Седакова

Проблеми се создаваат,
и дали ова е уште возбудливо,
штом има и цел
и толку стравични последици.
Девојките по улицата поглед
веднат
иако ги зјапам само
оти се облечени како мумии.
Или можеби изгледам одвратно,
дури се хранам со кајсии
како некој фараон.
Но тие од крилја беа израснати
и набрзо скапуваат врз пердувот
ако не ги изедеш сред цут.
Можеби поглед веднат
оти сум грд,
како гуштер.
Или оти живеам по гаќи.
Или поради плодноста моја.
Или оти можам раце и нозе да обновувам.
Или оти настојувам сите да ги скокоткам.
Добар љубовник сум ама,
нервик голем сум.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

 

 

ТРАДИЦИЈАТА

Така го изгубив турнирот со лицево
Збигњев Херберт

Бељата што гледам двојно
е што здогледувам
баш во моментот кога ми притребува.
Како некој пријател
за кој ти текнува дека умрел.
Чудна професија, спортист,
каде ти си повеќе од твојата работа,
и почесто невработен од вработен.
Тагата цвили
со секоја шутната топка
или разонода што ќе се стори
во физичките простори.
Не баш апсење.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

 

 

ЦРВЕНИОТ ВРВ* СЕ БОРИ СО ИМПЕРИЈАТА**

Британската аристократија прикажана како симпатична, оти знаат да бидат такви.

Американски апетити за подлабоки истории, пластични индустрии и да се биде блед.

Чекаш на дождот тој да си замине, во ветви алишта вешто скроени. Седиш спокојно, самотен.
А завесите одговараат? Пазете се од Црвениот врв.

Многу итар, многу интересен развој, се согласуваш? Вашиот акцент. Танцот не е
особено сложен. Шармантен, да, допадлив, дотолку што многу затскрива.

Зад него, луѓето велат, беда, очи затворени пред бедата, не би рекле?

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

*Американски игран филм од 2015 година, мешавина од драма, фантазија и готика. (заб. на прев.)
** Американска ТВ серија од 2015 година, која се емитуваше на телевизискиот канал ФОКС. (заб. на прев.)

 

 

БОРХЕС СЕ БОРИ СО СИНОТ НА БРОДОВИТЕ

Во овој регион од новиот свет постои сал еден човек.
Иако родените на бродови го опкружуваат,
а и мора да имало некој втор, или трет, кој го видел,
тој сепак опстојува, сам, редоследно, засечен бело,
сврзан в скелети.

Човек, вели, можел ко питач да живее, дур се шетал ко крал.
Постојат ризици во доцнината, неспомнати или незабележани.
Седум одаи, по седум одаи. Множење.
Математика на лист,
(а не во умот, или во некоја машина).
Докторска нечитлива белешка
за некоја причина која тешко се помни.
Некој вид возможна слава што се доделува
само кога последниот човек е откриен отаде Палермо.

Не се ни осмелуваме да потврдиме дека сме прости.
Морето се чини поширно дури го гледаме од палубата.
Или вратот на реката која постојано се размножува.
Патот продолжува, сега пропратен со музика.
Honoris Causa* во Ерусалим,
можни збирови од броевите 8, 1 и 9, дадени двапати.
Постојат двобои, провалници, бабички.
Куќи, преполни со книги, кои горат.
Постои една сенка толку темна што ги издолжува министрите во вирови,
а поетите во романописци.

Буквите, построени во песни, пробуваат да живеат како во Буенос Аирес.
Паѓаат со одредена вештина, и се подобри со извинувањето.
Душевно јадро, пешачење, пишување, уличар во невина смисла.
Самотен човек, голем во градот, ситен во светот.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

* Почесна титула (заб. на прев.)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©