РАЗЛИЧНОСТИ, ВЛЕГУВАЊЕ ВО ЕРУСАЛИМ, СВЕТИЛНИК, СЕ ВРАЌАВ ДОМА, МОРЕ

РАЗЛИЧНОСТИ

Постои различност меѓу дрвјето:
Дрво со седело
И дрво без седело.

Во седелото се испилува радоста
И влегува во нас
Другото постои заради различност.

Постои разлика меѓу тревите:
Трева со бубалка
И трева без бубалка.

Бубалката ни брмчи
И ни го населува увото
Другото е заради различност.

Постои различност меѓу луѓето:
Постои човек со тага
Постои човек без неа.

Човекот без тага си ти
А оној со тагата сум јас
А постојам само заради

Различност.

5 април 1985

 

 

ВЛЕГУВАЊЕ ВО ЕРУСАЛИМ
(Фреска)

Стоиме: Тој пресветол
Јас темен. Одеднаш:
Водите се отворија–
Дверите се затворија.

Од душата тогаш
Пркнаа славеи
И исчезнаа зад ѕидиштата.

Значи: влегов во Ерусалим?

Не, не влегов јас
Оттаму ме изнесоа.

Нерези, октомври 79

 

 

СВЕТИЛНИК

Зошто пламнееш
Кога низ темнината
Никој не те гледа.

Завиткан во своето молчење
Ги довикуваш рибите и надворнините
Морските ракови и скорпии
Телото да ти го прокопуваат.

Никој не доаѓа.
Само ветерот си игра
Со ангелите на твоите
Очи.

Фатен во примка
Како оголен галеб
Се сомневаш во смртта
И во школката
Сенката што ти ја претвора
Во бисер.

 

 

СЕ ВРАЌАВ ДОМА

Се враќав дома
По пат од раскопки и чакал
A пo мене се враќаа
Моите Ситни Нешта:
Камчето со кое некогаш ме удрија
Капката крв што ми потече од носот
Плодовите што ноќе ги крадев
Шумата во која
Птицата ми се сокри
(По некоја заборавена песна)
Гревовите што ги правев
Бранејќи се себе
Ангелот што го заборавив
Карајќи се со пријателите
И животот што го испуштив
Зјапнат во којзнае што
И којзнае каде.

Една ноќ
Сите мои Ситни Нешта
Беа дома
Сал мене ме немаше.
Сум се изгубил, велат
Зјапнат во којзнае што
И којзнае каде.

 

 

МОРЕ

Колку ли пати
со него се гоневме
Тоа се креваше
Ние паѓавме
Тоа паѓаше
Ние го кревавме.
Колку ли криенки
со него изигравме
Ние се криевме
Тоа нѐ бараше
Ние се губевме
Тоа нѐ наоѓаше
Колку ли пати
Во нас ноќеваше

Нему му мркнуваше
Нам ни обденуваше
Ние бегавме
Тоа тагуваше
Колку ли умирања
Со него приспомнавме
Ние умиравме
Тоа се раѓаше
Ние сонувавме
Тоа нѐ будеше.
. . . . . . . .
. . . . . . . .
И затоа постојано чинам
Трепери една негова капка
Над нашата скришна

Пустина.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©