Атила Вег – 2046

Се сретнуваш со некоја, те засакува,
кроце ти се населува во собата на спомените,
витрини од опал, посивени прозорци,
меѓу излитени столови се шутка,
го аби духот на еден искинат тепих,
наутро оди во кујната, става кафе,
од  нејзините движења веќе не препознаваш
некоја поранешна: ги подготвува филџаните,
шеќер, млеко, но во движењето кога  го затвора гасот,
запира времето, а мирисот на кафето го впива
еден стар филџан, од фините прсти никнуваат
дланка, глужд, подлактица, рамо, а ти
стоиш пред нив, како да си се разбудил
во своето минато, гледаш во нејзините очи
и помислуваш, боже, секој ги населува
спомените на другите, ентериерот се затемнува,
ти ѝ велиш нешто за Орфеј, дека тој што ги бара
своите спомени, него задушлив, оловен копнеж
го влече под земја и веќе чувствуваш, смртно,
ако го сипе кафето и се напиеш, ќе се отвори бескрајот,
па врапито се фаќаш за крајот на ништото,
во еден истрчан факт, па така чекаш додека мигум
додека собата одново ја заземаат миговите,
зашто во тежината на срцето не живее човек
и тој што ги стигнува своите спомени, не се враќа,
не може да биде кондуктер на туѓи спомени,
нема да пие кафе во еден свет каде што сѐ
заради што живееш, веќе се распаднало,
затоа е неподнослив мирисот на кафе,
па бледата, тајна порака на Евридика
нека помине најпосле, нека замине.
 
 
Превод: Паскал Гилевски

en_GBEN