„Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.“
Mateja Matevski
Под мене, тука, ѕвони.
Под мене, блиску, ѕвони.
Телото ми е
звучна вилушка.
Се допирам –
вибрациите сопираат.
Во ушите одекот
бранови крши.
Под мене ѕвони,
Под мене блиску ѕвони.
Гостинска соба
со дрвен патос
закован врз греди –
низ процепите
ѕиркам во ѕвоно
милно што бие.
Под мене ѕвони,
под мене блиску ѕвони.
Креветот на кој спијам
точно е над ѕвоното
на манастирот
Констамонит.
Под соба чардак –
над ѕвоно легло.
Под мене ѕвони,
под мене блиску ѕвони.
Септември 2011,
Манастир Констамонит, Света Гора