Нѐ проколна, Пол Гоген,
и се скри под наметката
на островот Хива Оа.
Имаш гроб, во дрво,
отпорно на вулкански дождови,
тоа е само една повеќе
од твоите применети
скулптури.
Вегетацијата која ти го затвора сонцето
натежнала од бакарниот песок.
Листовите неподвижни како почесна стража,
а ветерот е длабоко под морето.
На островот Хива Оа, ветерот е шум
и на минатото време и на она
што ќе дојде.
Дојдов да ти кажам дека,
овде на островот Хива Оа,
си пионер на стрип уметноста,
сликајќи врз три вреќи од компири
се обиде да ги сместиш луѓето во просторот,
но ти изгоре свеќата.
Последниот кадар: Каде одиме?
остана недоречен.
Многумина јавачи поминаа
по плажата која одамна ја откри.
Дојде и мина столетието на стрипот.
Гледаш, може да се старее
и по смртта.
Можеби ти е познато,
но си заборавил да ни кажеш,
ќе бидеме ли протерани од земјата,
како што сме, штом се родиме,
исфрлени од рајот,
како паднати ангели?
Превод: Никола Кукунеш