ШЕМАТА НА НЕШТАТА, СИЦИЛИЈА, ПРИКАЗНА ЗА ЕДНО ПЛАДНЕ, МОЖНОСТ ЗА ЉУБОВ, ПОМЕЃУ НЕБЕСКОТО И ЗЕМСКОТО

ШЕМАТА НА НЕШТАТА

Пловевме цела ноќ низ теснецот
на Месина (далеку од дамнешните војни каде што
камењата летаа). Јас го чинев
она што го чинеше ти како
бранови повторени
разбивајќи се созреани на плажата
вежбајќи несовршености во едно море кое
не згаснува. Одзади останаа боговите
на починка во Таормина (Посејдон
смируваше едно јато јахти
извесен Хефест го трупаше
снегот на врвот од Етна). А јас го чинев
она што го чинеше ти
(како двоец на клуч во чинот
на своето удвојување).

Превод од португалски јазик Наташа Сарџоска

 

 

СИЦИЛИЈА

Имаше маслинови дрвја
и смокви. Месина беше опсадена
од картагинските бродови
како што кафето наутро го опседнува
просторот на воздухот.
Имаше кајсии и бадеми. Во близината
на Сиракуза
(користејќи го сопственото тело)
Архимед докажа дека водата
е непотислива.
Ги сплотувавме дланките и стапалата.
Имаше лимони и кипариси.
Не знам дали сврши.

Превод од португалски јазик Наташа Сарџоска

 

 

ПРИКАЗНА ЗА ЕДНО ПЛАДНЕ

на Соуза Дијаш
Да се екстрахира значење е нашата првична задача.
Збигњев Херберт

Има
тенок сноп попладневна светлина што допрва треба да се реши.
Нема многу да трае сигурно е (ја чека
заборавот) доволно е само
ноќта да се спушти. Сѐ уште е нужна таа светлина
пред да се затвори плажата
(еден миг да се заборави
да се присети
да се врати назад). Не останува веќе многу знам јас
(сал мигови без моменти) она малку
што го дели сеќавањето
од опсенот. Го барам неискажливото во густината на самракот ако
јас не го сочувам во песна овој жеглив прободен час
ниту тој ниту ова пладне никогаш
воопшто нема да постојат.

Превод од португалски јазик Наташа Сарџоска

 

 

МОЖНОСТ ЗА ЉУБОВ

Утрото
студено ги зближува љубовниците
близу морето на крајниот север од островот каде што
вее ветер студен и студен млаз вода се излева
во лак околу
спилата по која островот бил именуван
превез на невеста. Оттаму кон Порто Мониз (низ
долги лисја на агава) секој јазик ја остава жива
можноста за љубов:
Hubert aime Christine
a Olga le gusta Mauri
само осамениот Simon и Susan сонувачката
запишани на различни листови (иако
од истиот кактус) поради лоша среќа
или добар хазард
не се совпаднаа на денот.
Сите беа тука. Сите тука и ја сетија
можноста за љубов иако
водата што денеска тече не е водата утрешна
(ниту е догодишна) кога
овие имиња ќе паднат и други
на своето место допрва ќе никнат
без болка. И страста што тука се запишала
ќе стане љубов дури отаде.

Превод од португалски јазик Наташа Сарџоска

 

 

ПОМЕЃУ НЕБЕСКОТО И ЗЕМСКОТО

Бог или Природата
Спиноза

В зората
по бурата излеговме да го мериме зијанот
(да враќаме камење в ѕидјето
да збираме деланки од тлото).
Фуријата
на природата се врати кон својот првобитен ред
како лузна од некаков ексцес кога
следниот ден ќе погледнеш подобро и ќе ја разбереш
двосмисленоста на
претходната ноќ. Од поривот на бурата остана сал
болка и тишина (во подножјето
на кротка борова шума небото и земјата поразени:
стаорец и врабец
се видливиот спомен на заслепениот
пустош) небаре
нов почеток би бил едвај можен ако
меѓу небеското и земското и обете
се осмелеа да изгубат. Еден
бог ја поправа рамнотежата уништувајќи го она што го создал некој
мора рано да умре за друг
да може да преживее.

Превод од португалски јазик Наташа Сарџоска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©