ВЕЧНО, ПАТИШТА ПОД АЛПИТЕ, КАМЕЊАТА ШТО СЕ ТРКАЛААТ, ПРОВИНЦИЈА, ЉУБОВНО ПИСМО

ВЕЧНО

Засекогаш ти се враќам,
Засекогаш повторувам во себе:
Ти си мојата единствена љубов
Покорна музо на невините страсти.

Чекориме над бледи керамички фигури
и со секое враќање вчерашните сенки невино исчезнуваат,
бледи профили на маченици за возвишена кауза
и елени ранети во обид за спас.

Не заборавај, животот е како недовршен филм
во секоја епизода има победници и губитници
луѓе со маски, лажна љубов и смрт
на крајот, на сцената во старото кино нема да остане ништо од приказната.

Одзади се крие едно страшно синило
непознатото нѐ плаши и ние се кршиме при секое стареење,
соништата на слепите ќе се завијат во ткаењето на папирусот
кога на нашите животи ќе се гледа како измислица на лудите.

Одново стануваме како стрелките на последниот час од часовникот,
во светов сѐ е менливо
чамецот преку брегот не е ништо друго, освен нешто остарено
што никогаш нема да ни го види враќањето.

Превод од албански јазик Ресул Шабани

 

 

ПАТИШТА ПОД АЛПИТЕ

Маглата го обви патот скриен под Алпите,
како бел превез полека го покрива врвот на ридот,
нежното утринско ветре
ги повторува звуците на една заборавена романса,
некаде во заѕиданиот портет на моминството, Изабел.
Таму, некаде, под Алпите,
фосили од накит прекриени со слана, Изабел.
Тивкиот пат,
оживува од нежното шумолење на лисјата,
минувачите покриваат мали стапалки,
опивни миризби од парфеми, Изабел.
Можеби ти, статуа преполовена од времето,
пловиш низ длабочините на вековните пространства,
како телото на некој напуштен чамец,
низ слатките води на животното езеро, Изабел.
Сега можеби цветаат пупките,
и на нашата оголена долина.
Замислувам како изгрева повторно,
од твојата мека насмевка,
додека се спуштаат вечерите,
над една тажна женска душа, Изабел.

Превод од албански јазик Ресул Шабани

 

 

КАМЕЊАТА ШТО СЕ ТРКАЛААТ

Христијански молитви под ведро небо,
и едно заборавено човечко покајание
останато да виси во синиот воздух,
ги пелтечиме низ деновите што се движат кон квечерината
вечните желби на птиците за преселба.

Низ изгубените предели на умот
ветерот навева магла од еретични желби
ноќните гласови уплашени се дават
како далечна сирена на брод останат таму некаде.

Потоа ќе заврне силен дожд
а луѓето ќе го напуштат крајбрежјето,
таму ќе останат трагите на куќите
и прашината од заборавот на иконите.

Се тркалаат камењата по падините на времето,
во нивниот спомен ветерот копа како археолог
од планините повторно ќе се спуштаат лавини неброени
и камења сонувачи во нивното лудо тркалање.

Превод од албански јазик Ресул Шабани

 

 

ПРОВИНЦИЈА

Денот почнува во истите профани кафулиња
со лица кои ни се прикажуваат сѐ почесто.
Погледнуваме кон истото небо
и чекориме по истите тротоари.
Во истата река ги переме гревовите
и ноќта завршува со истите стенкања.
Таму отспротива се наоѓа куќата на проститутката Софи.
Потаму, почива во мир покојниот Отец Луиѓи.
Заминуваме налутени на градот, и сенката нѐ следи.
На бастунот старецот си ги бележи преостанатите денови,
мајка ми ја завиткува староста под дебелиот шал.
Децата сонуваат да ги уловат белите слонови
скриени во островите на прадедовските приказни.
Наутро џагорливо слегуваме по скалите
навечер, тивко се качуваме.
Бледост. И Сотир не заборава да ги запали уличните ламби.
Во витрината наспроти, книжарот ги собира старите книги,
навредени од запоставеноста од минувачите.
Поетите го создаваат рајот по ќошињата на зградите
низ миризбата на урината и изгазените догорчиња.
Девојките чекаат да бидат жртвувани на било која страна од брегот
и калуѓерките умираат со шепотот на последната молитва.
Не знам зошто ни минуваат деновите така,
како искубаните пердуви на гавраните во лет
и судбината се смрачува под истите крстови.

Превод од албански јазик Ресул Шабани

 

 

ЉУБОВНО ПИСМО

спиеме па молкот ни ги вовлекол нашите глави
во празнините од перниците.
Ноќе флертуваме еден со друг
дење врз нашите плеќи пишуваме љубовни писма.

Дали се чувствуваш осамена вечерва?
Раскажи ми за твоите тајни флертови.
Сношти се чувствував толку близок со тебе
а господ сожалуваше за твоето заминување.

Заборавот сака да го проголта нашето соголување
и ти, нежна, иташ кон тоа.
Забораваме да зборуваме, забораваме да се љубиме
сѐ што е убаво се топи во воздушните честички,
потоа, една пепелава силуета ја плаши студената самотија.

Отворам очи, ти веќе не си тука
жешки дамки се топат во празната страна од креветот,
со тоа се топат лутините и нашите долги денови.

Облеката натежнува врз дрвените закачалки
студените тела се виткаат со трепетни пелтечења,
девојката се огрешува со отсутниот љубовник
и сенката на другиот несреќно се поклонува.

Доцната полноќ разоткрива тмурни соништа
мажот уверливо се витка околу покривката
таа под ношницата си ја крие слабоста
кога денот ненадејно ја претвора во жена.

Ѕидот е покриен со бледи бои
интимните врски го облекуваат забранетиот изглед
во каснатото јаболко, црвот ја гризе љубовта на Ева
и кошмарот се повторува како разочарувачка слика.

Се будиме во асиметрични форми на невиност,
џвакаме мигови и времето полека нѐ гмечи
разменуваме случајни погледи
и одненадеж чувствуваме жал за себеси.

Сѐ е едно неповторливо патување
невнимателно го допираме раѓањето, рајот и смртта,
децата незапирливо играат под звуците на облаците
и духовите на поразените исчезнуваат во квечерината

Превод од албански јазик Ресул Шабани

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©