ОД „АВИВА-НЕ“, ЗАСПИВАЛКА, СДЕРОТ, ПРОШЕТКА

ОД „АВИВА-НЕ“

1.
Јас сум во држава на како одеше и ќе ја викам Авива–не ќе ја викам безсестрена
и ќе зборувам за неа со непосредност не преку стих туку преку јад
и така е свој Закон нема Закон – ангели со задушувачки здив и ѕверови со
разжарени очи, во интернетот горе и закопаните книги долу, нема
Закон, само моментот постои кој ја продупува вселената како игла низ стакло
и срцето е уапсено и именувано ко најобичен здив
за триста шеесет и петте мини * чад во него
наспроти збирот од триста шеесет и пет денови.

5.
И не знаев дека ќе треба да ја живеам
твојата смрт, и колку лесно
ќе се вклопи во зборови. Како што Мајка ми
им објасни на внучињата, никогаш
веќе нема да ја видиме Авива повторно. И ја чув
како плаче, не она завивачко
тажење, само течението
на некој чија сила исчезнала во пламен.
И ме прашаа, целите зачудени,
дали си се искачила до некоја ѕвезда, што
ќе правиш ако ѕвездата падне, дека ќе ти се пријаде.
А таа ги стави во скривницата
и влезе разлипана во
дневната каде седев
и рече
колку просто е да се гледа
во темницата, како жарче диво што гори –
губењето дете значи секогаш губење дете.

19.
Човек може да пее за дождот, за моќноста
на водата, цела шива* угоените облаци
се тријат од мекоста
на шаторот за тажење, а најслабиот од нив знае да пее,
сега во шеватсково** утро,
кефир на сивкастиот тревник, таму твоето детство,
со твојот паднат живот се напикани:

Твоите брави се полни со парченца
после туш, низ кои рацете ги минуваше
и не ги чешлаше, дури и при критика, насмевка на твоите усни
ја читаше Остен, британската кучка
има остар ум, ко и сите жители во магла, преглед на географијата

и коментарите за зачуденост, црвеникави
врз копираните пустински мапи, далечините
кои си ги прецртала, обележани на Сдерот, асфалтни линии
кои стигаа до твоите студенти, маченички проблеми
со геометрија.

А претпоставуваш дека сево ова се случило
пред ти да го доживееш,
бидејќи иднината се случила и дува
кон тебе ти
која си отпорна на времето –

Крајот на времето се пробуди,
слушаш ли, во тврдината на воздухот,
меѓу росните капки, бадемовото дрво се тресе кон своите цутови, не,
веќе се истресло,

не, посадените дрвја се исушија, бујната флора се изарчи, земјата си го поврати
срцето, енормно е,
го дише твојот здив, светлината се спушти ко железо,
толку префинета, го пополнува просторот долу
целиот свет така што го скршил, кој гледа кон Авива-не.

22.
Го паметам огненото дрво затегнато од лето
во Сдерот
неговото црвеникаво утро е
Појасот на огнот.

Ништо не е изгорено, ни кожа
ни вид: дојдовме тука, моиве потни
дланки гребеа
во твоите.

И овде ме положи, книгите
ми ги покажа. Имаше плетенка,
тука ти беа очите, ти не знаеше
колку искупена
веќе беше.

Тринаесетгодишна, породена од
месото, дишеш воздух
од непозната природа. И светот се
стресе, светот дивееше, светлосни јуриши
како кочии. Го сфаќаше
движењето, расчинувањето, ги креваше
очите нагоре но не постоеше полунебје,
песнопојни жерави земјата ја шибаа
и скелиња од глуварчиња
цврсто се држеа, досегнуваа некаде.

Триесет години се здржа сред овдето. Чекореше со нас
допир најмногу, скоро
никогаш соблазнета од човечка врева. Ние во profanum vulgus*
заитани низ урбани пространства, минуваме мориња –
Парис, Фиренца, Лондон, купишта морничави меса и мермери,
ова не прекина со твоето прекинување.

и ти си со нас, крај нас, во твоето тука, стрвна за
љубов, фрлаш пресуди преку раздалечености,
никогаш окована.

Те знаевме во целост без да знаеме
една ронка. Ако искупението е губење
на себеси, тогаш кој е
искупениот.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски
________________________
* Мина – (исто и мене) е античка единица за тежина од Блискиот Исток, која се дели на 50 шекели. Пред да почне да се користи како платежна единица, една мина претставувала единица мерка еднаква на 1,25 фунти. (Заб. на прев.)
* Шива (буквален превод „седум“) еднонеделниот период на тажење за смртта на најблиски роднини: татко, мајка, син, ќерка, брат, сестра, сопруг/а. (Заб. на прев.)
** Шеват (шват или шебат) — петтиот месец од граѓанскиот и единаесеттиот месец од верскиот еврејски календар. (Заб. на прев.)

 

 

ЗАСПИВАЛКА

Има деца во мугрите,
Се надвиснале за љубов,
И ќе се надвиснуваат така за навек
– Леонард Коен

Татко,
Вечно ја промашувам метата,
Обземен од љубов, како чкорче,
навален врз некоја книга.
Неопеан,
Кислев * се разложува во воздухот.
Една несмасна месечина удира по градниот кош на улицата, стада
магла тропотат низ темнината.
Кога рацете ги зинува
врз недофатната маса,
сред неговиот ладен, завршен сон,
тешко е да се поверува дека некогаш го минал океанот и некогаш
видел снег,
во скукулените куќи марокански,
крајот на четириесеттите,
лулката на времето.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

____________________________
* Кислев — третиот месец од граѓанскиот и деветтиот месец од верскиот еврејски календар. (Заб. на прев.)

 

 

СДЕРОТ

Дваесет години ми требаа да ја заљубам
дупкава среде пустелија.
Памучните топки ширеа бел пламен
и имаше некој зол ветер во кипарисите
дури за првпат не ги видов,
со правично око,
простите куќи под кров од облаци,
дури не го чув
прекрасниот џагор на улицата.
Последниот шепот искажан од брановите асфалт
се смеша
со пукотот на ноќта врз земјата,
како гласот на заборавена жена кој ја издал
та ја кажал вистината што таа сакала
во лицето да си ја скрие.
Декади трошење и абење
ги научија децата да ја милуваат водата во каменот,
да пловат книжни бротчиња во вирови со апсурдна надеж.
Циркуското минато на девојките цутеше во вртеж на фустанче
кога опулот на толпата ќе пресечеше низ него.
Само местата без љубов се достојни за безусловна љубов.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

 

 

ПРОШЕТКА

Погледни ги лисјата сега,
дрскоста нивна да бидат исткаени под
опасности од метеори, во краткоживата сончевина.
Нивната тивкост заробува
еден од студ растресен ветер.
Тумор од светлоста на канделабрите метастазира по хартиени неба
јаден од еден настојчив пламен.
Струпје сол врз купишта карпи.
Една сенка се губи себеси во сенките.
Блиску до таа точка
убедувањето ми истекува
како крв од навредено лице.
Види ја водата
тоа е само остварување на идејата на течење
и рибите единствената бариера помеѓу
дефиницијата на брановите
и чувствувањето на морето.
За момент не верував дека оваа проникливост
ќе ми помогне дур ги носам
огромните пространства воздух.
Таму, и ти стануваш сè подалечен, како татковците, во надменоста
на задоволниот предатор
кој зад себе го остава лешот на својот плен.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©