IN MEMORIAM: Данило Коцевски (1947- 2020)

Го одбележуваме споменот на Данило Коцевски, истакнат македонски книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург, директор на Струшките вечери на поезијата во периодот 2008-2012 и поет преку неколку негови песни од збирката „Поетовата смрт“ во издание на Култура, Скопје од 1996 г. Поетите умираат, но нивните стихови се вечни. Нека е вечен споменот на поетот Данило.

 

фото: Душко Ѓоргон

 

фото: Никола Кукунеш

 

фото: Никола Кукунеш

 

НАСЕТУВАЊЕ 

(епитаф

 

Часот на смртта

не е часот на издивнување:

Часот на смртта

е просветлувачкиот час

на нејзиното

 

Насетување! 

 

 

ТИ НЕ СИ МРТОВ

 

Знам дека те нема, 

Ја допирам празнината: 

но ти не си мртов! 

 

О, каква среќа твоја: 

го надмудри исчезнувањето. 

 

Ја прескокна ужасната смрт 

 

на насетувањето.

 

 

КАФЕ 21 

На Р. Г. 

можеше ли да ја победиме смртта? 

 

Кој го знае доаѓањето на часот 

кога смерно треба да се оди? 

А се е тука: располуката и јазот 

на мислата што привидно некаде не води. 

 

Изгубена е целта. Тоа треба гласно да се каже. 

Веќе не ја забележуваме правта од калдрмата 

што како темен превез врз очите нè лаже 

дека се уште не сè докинува на животот срмата?

 

Здивни, и препрочитај го Kaми за апсурдот. 

Ќе те покрене или ќе те уништи на надежта крикот? 

Во жилите го чувствувам на летото студот, 

плашејќи се во тивкиот говор да не препознаат викот. 

 

Изгледам совршено мирен, дури заговорник 

на голема идеја, на потфат смислен и вреден, 

а сè е всушност маска и лажен браник, 

дури полека се гушам во вревата на Кафе 21. 

 

Па добро, и да е така, да не зборуваме за поразот и срамот. 

Што можеше тука да измениш ти или да изменам јас? 

Големата мисла уште ли ќе нè крепи, дека над Чифте амамот, 

утре крошните ќе шумолат, ќе говорат со нашиот глас?  

 

 

ЧАРШИЈА 

 

Минувале војски, минувале цивилизации. 

Сè што ќе допреш: детство е и минато. 

Скроти ги во себе сетилните вибрации: 

на страшило да не заличиш скинато. 

 

Стој на аголот меѓу две стари улици: 

И издржи, иако те печат в очи, 

боите, мирисите од сронети кепенци. 

Стој, сам, и не вели ништо. Молчи.

 

 

СЕКИРАТА ВЕЌЕ ЛЕЖИ ВО КОРЕНОТ НА ДРВОТО 

 

Кој да помисли дека секирата 

веќе лежи во коренот на дрвото? 

Каква снага во стеблото, 

каква сила во цутот, 

или тоа е само привид, 

измама што нè заслепува? 

Да, сомневање веќе нема: 

секирата лежи во коренот на дрвото! 

Го дознавме ли тоа премногу доцна, 

или знаењето во себе го таевме, 

за да веруваме во лагата, 

како единствена можност на коренот 

да го досегне сопствениот цут? 

 

Огнот е веќе запален и враќање нема: 

секирата лежи во коренот на дрвото! 

Ке се размaвне, ќе блесне острицата 

и во пламенот ќе исчезне 

не само гнилиoт плод, 

оној што се ведне и подзастанува, 

туку и сокот на штотуку 

раззеленетата ластарка! 

Дрво обло, дрво мазно, 

дрво моќно и извишено: 

мисли на сечилото што во себе го таиш! 

 

Секирата веќе лежи во твојот корен! 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©