ПЕСНАТА НА МАЈКА МИ, КОРЕН, ALICE IN DAMAGELAND, НАЈУБАВИОТ МАЖ НА СВЕТОТ, ЗАЈДИСОНЦЕ, СТРЕЛА

ПЕСНАТА НА МАЈКА МИ

Мама знае да ги разликува
лисјата на нането
од лисјата на магдоносот
таа е убава, мојата мајка,
како заспаната Убавица од Аграфа
на сѐ уште ненапишаната бајка
таа е горка како орев
бодликава како костен
и хранителна е
како ѕвезда на зората
ја урива куќата
потоа одново ја гради
зашто таа е Великиот Уредувач
на местото од срцето
има еден разладувач
чиј мев никогаш не кркори.

Превод од грчки јазик Паскал Гилевски

 

 

КОРЕН

Често лебдее една куќа во воздухот
како вежба за олабавување.

„Придржи ми ја главата“, ме моли,
„треба да ја придржиш и да ја притиснеш“

Ја уверувам дека нема никаков проблем
со нејзината глава.

Всушност ја замислувам отворена,
за да ја истражувам со прстот,
со микроскоп како око.

Замислуваме една куќа во воздухот.

Сега се наоѓаме на дното
таму нешто гори.

Превод од грчки јазик Паскал Гилевски

 

 

ALICE IN DAMAGELAND

Минувајќи непрестајно
ќе го надживеам
својот живот
најпосле
исто како што си играв:
лулашка, криенка, мижитатарка,
долга магарица, брканица
и други и други
скапоцени детски игри

Превод од грчки јазик Паскал Гилевски

 

 

НАЈУБАВИОТ МАЖ НА СВЕТОТ

Ако дедо ми не беше најубавиот маж на светот,
можеби немаше да го засакам на прв поглед
и ако не го засакав можеби немаше
лошото да се случи.
Ако не веруваше дека го имам неговиот поглед
како што гордо го прогласи денот на моето раѓање
можеби немаше да ги наследам неговите очи
и силата на неговото срце
неговиот вкус за капи и за жени
и тој да не ја одложеше за пет години
својата смрт
ако бев машко дете можеби ќе ме ставеше
да решавам математички задачи
наместо да ме подучува на добри манири,
како да се искачувам по планината,
зошто да го сакаме пијаното
и да знаеше дека јас разбирам
немаше да ми ги раскаже сите тие
горки истории мислејќи дека ќе ги заборавам
ако дедо ми не беше толку доблесен
и толку убав маж
со крепките свои нозе што се јази и се исправува
нагоре надолу по земјата сѐ до последниот свој здив
можеби немаше ни тој да има мустаќи и таков изглед
можеби ќе се оженеше одново, за да направи и други деца
за да ги измешаме најпосле сметките
ако имаше жестоко срце и слаби раце односно наопачни
можеби немаше да ме остави да скокам на креветот
да му го галам стомакот
можеби немаше да се плаши од операциона сала
и ние ќе си живееме среќно и понатака
ако дедо ми не беше еден од оние
кои ги преминале границите
нашите гробови би биле пусти на друго место
ако не играше оро ако не правеше вкусен десерт
ако не ме носеше во лунапаркот со велосипед
немаше да биде мојата прва љубов
и мојата прва смрт
немаше да биде најубавиот маж на светот
и ќе имав сега една надеж.

Превод од грчки јазик Паскал Гилевски

 

 

ЗАЈДИСОНЦЕ

Пресна невеста Александра, радост на мажа си
И гордост негова (птицо моја, гулабу мој)
Се качи на терасата
за да ги спростре вчера испраните алишта.
Но глеј, спрострените алишта се разлебдија
како игрите на ластовиците
глеј како сонцето замижува со очите
и се тркалаше по цепнатините
на последователно наредените
планински гребени
посребрувајќи го денот
така некако стана и Александра
пресната невеста
како сонце како птица
со платното на својата бела кошула.

Превод од грчки јазик Паскал Гилевски

 

 

СТРЕЛА

Дојди да поиграме. Ти ќе ми ги откопчуваш едно по едно копчињата, а јас ќе ти кажувам по еден сон за секое копче одделно. Гол ми е грбот и ќе видиш како се формира еден лак. Несвитлив. Кога ќе можеш, те молам, изгравирај ми таму една стрела.

Превод од грчки јазик Паскал Гилевски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©