Адонис – На песната

Нема ли да го промениш тој црн фустан што го носиш кога идеш кај мене?
Зошто настојуваш да ставам парче ноќ во секој збор од тебе? Како и каде си
ја добила оваа полетна сила што вјурнува во просторот уште кога си само
неколку зборови на парче хартија?
Не староста, туку детството ти го полни лицето со брчки.
Види како денот ја положил главата врз рамото на сонцето, и како во твое
друштво јас заспивам преморен сред бедрата на ноќта.
Пристигнала кошничката, онаа што ти носи писма за непознатото.
Кажи му на ветрот дека ништо нема да те спречи да ми се вовлечеш под
облеката. Но и прашај го „Каква работа работиш, и за кого работиш?“
Среќата и тагата се две капки роса на твоето чело, а животот е овошна градина
кај што се тркалаат годишните времиња.
Никогаш не сум видел војна помеѓу две светлини како онаа што избувна помеѓу
тебе и папокот на жената што ја љубев како дете.