Ана Брнардиќ – АЕРОДРОМ

Во висините се прелистуваат печатените страници на небото.
Долу царинарникот бара отпечаток од прст
печат од родовото стебло
врз хартијата за туристичка виза.
Во лицето ми сјае жолтата балканска месечина.
Заборавив да ја исклучам над океанот.
Семејството до мене има повеќе искуство.
Тажната пентатоника ја сокриле во ракавите.
На службеникот му спростираат големи количини
калифорниска насмевка.
Зад барикадите насмеани старци
со фризури од шеќерна волна
ми ги подаваат своите раце и ме водат во рајот.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш