Ана Брнардиќ – ПАЛУБА

Се наведнувам преку оградата на траектот.
Ветерот зема два прамена кои диво удираат по лицето.
Качулката со вештачко крзно е потенка од лист.
Во тоа обично тело се растрчале птиците и пчелите,
мечките со младите, лиските, и уште некои штури суштества.
На палубата нема никого, а сепак е бучно.
Чекорат ослободените титани, чкрипат со огромните кожуви.
На ветрот брадите им изгледаат кревко, како лавина.
Под скалилата што водат на палубата, двајца пијат кафе.
Јас сум на полпат до онде, празен филџан со неколку капки ладно еспресо.
Мојот здив, дарбата за говор и движење, милоста, уште е на полпат таму.
Еден од нив го соблекол капутот. На челото му стои жешка дамка.
Отидов да видам што ќе рече одразот во морето,
дали е доволно само малку да се оддалечиш
или пената, сепак, ќе те искрши од сопствените коски.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш