Ана Голејшка Џикова – Не си

Ќе се дотераш, ќе тргнеш по дождот
сите состојби на светот ќе ти влезат во утробата
сите бегалци, сите нуклеарки и сите погубувања
ќе ти зацвили кутрето скитник пред влез
во очите ќе му видиш некој редок
предок
мистик, некој кој одамна веќе го нема. Ќе седиш со родителите, со другарките, со животните прашања
ќе нацрташ круг во квадратот,
ќе отсонуваш еден тон желби што стојат закачени како мртви војници
во рововите низ твојата пустина
ќе сфатиш – и меѓу најсвоите, не си свој
не си. Не си. Те нема.
Ќе си купиш цвеќе, ќе прочиташ нешто убаво,
ќе заминеш на одмор, ќе се вратиш уште поуморен
се’ ќе направиш за таму некојси да те сака
ќе скршиш мал број ветувања со голема јачина
и ќе сфатиш – и меѓу најполното, не си полн
не си. Не си. Празен си.
Ќе си напишеш песна.
Во неа осамата нема цена
таму е раат. Спокојно е. А не си ни мртов.
Не си. Не си. Жив си.

mk_MKMK