Ана Сантоликвидо – ТЕСТАМЕНТ

на Мома Димиќ
I
им ги оставам во наследство на врапците
потиснатите емоции
ќе си го стоплат гнездото
ќе си го заштитат видот
II
на соколот му ги оставам височините
и широчината на фантазијата
ќе му го инспирираат летот
ќе го развеселат во квечерина
III
на дабот и на буката
им ја оставам интимата на делото
ќе им помогне да го поднесат мразот
и варварството
IV
на лозјата им ги оставам киселите идеи
ќе созреат на сонцето
ќе станат трпко вино
и здравица
V
на месечината ѝ оставам едно неродено чувство
ќе биде восхит и воскресение
ќе мора да го зрее со енергијата од науката
и со наивноста на простодушните
VI
на огнот и на снегот
им ги оставам жестокоста на јазикот
и ињето на лирските песни
така нежноста ќе ја потхрануваат
VII
на реката и на изворот
им ја оставам ликвидноста на знаците
ќе течат сè додека човекот
го брани создаденото
VIII
на небото и на децата
им ги оставам боите на писмото
римите и асонанците
и малите воденици на невиноста
IX
на ништото му го оставам перото
грутките крв
стравот од породувањето
и неспокојот
X
на поетите им ја оставам дилемата
радоста од изодениот пат
и чистотата на страниците
ќе ги пренесат на оние по нас
XI
на зборовите им оставам милување
нежно како мед од багрем
благодарна за лојалноста
и за битките
 
5 септември 2003
 
Препев од италијански јазик: Анастасија Ѓурчинова