Богомил Ѓузел – ПРОФЕСИОНАЛЕН ПОЕТ

Последен збор, последна голтка
и стануваш од масата по завршеното работно време
фати го првиот претрупан автобус до кујната
штрбни од лебот и помирисај во фурната.

Глад и разлеано олово по снагата –
вклучи го мониторот од градината
и прелистај го дневниот печат од небото.
Ништо па ништо.

                Ластарите од повитот
се веат во празно – така повеќе не може, треба…
да се насочат со ортоми под стреата.
Ќерка ти донесува стол за да се поткачиш.
„Масата е поставена“, вика жена ти
низ прозорецот од некое друго време.

По ручекот, прошетка, низ градината
само ти во скафандер, ѕвездите наоколу,
и под тебе. Антените треба да се прицврстат
калемената јаболкница бара ѓубре.

Назад во кабината –
                „Тато, што е тоа
чудовиште?“ Одеднаш командите откажуваат
парчиња хартија летаат разулавени.
На масата –
        нов бел лист
и моливот тежок како револвер.