Богомил Ѓузел – ВОЛКОТ НА ВРАТА

Не мора ни да ни тропне на врата –

веќе му ја чувствуваме присутноста околу куќа
кога си ја чеша четината од ќошињата
или ни дува ледено низ процепи невидливи

право во вратот или низ облеката до ципите.
Здивот наш внатре ни се мрзне на прозорците
а од неговото топло дишење надвор се топат
и капат мразните цутови низ стаклата

или тоа лигите му течат од алчните рилки
на усвитениот му ламтеж со кој нè гледа
преколени или уште живи одрани како му чадиме
и видот нему, кутриот, му го замаглуваме…

Зар да го пуштиме да влезе за ние да излеземе
од под земја како полжави, голи или сосе корупка,
или да му ја спраштиме со душата низ баџа
како штркови задоцнето преселни:

тој да ни се раскомоти во домот
со гладот во утробата и омразот во градите
а ние да припкаме по назабените плочници

од неговата ебана волко-јабана?