Борче Панов – АПОКАЛИПСА НА ДВОСМИСЛЕНОСТА

среде дворот селски еден старец ми кажуваше
дека во дваесетгодишна несоница живее
и дека ко на филмско платно апокалипсата ја гледа

во еден миг старецот ја префрли приказната
во сеќавањата за погибието на мојот прадедо
кога во борба гради в гради со турски аксер

одеднаш аскерот со јатаган му ја отсекол главата
а телото на прадедото уште неколку секунди
обезглавено со камата во војникот бодело

и токму во тој миг на само еден метар од нас
како гром црн удри орел – грабна еден петел
и се врати ко црнка во синиот ирис на небото

денес на само неколку милиметри од пеколот
се сетив на орелот и пак се видов од неговите очи
ко мета на снајпер што будно те држи во нишанот

и пак го видов телото на мојот далечен роднина
и апокалипсата како му ја носи главата во висините
и злото во кое бодам со камата на двосмисленоста

mk_MKMK