Бранко Цветкоски – Оган во обрачи


Веќе се вардам
Гласно да се одушевувам од поезијата
Како некогаш
Кога откритието во песната
Ми беше доволен оган
Цела ноќ да останам сам
И сè да се осветли и вжешти,
Во празно поле со векови да молчам
– Вселената да ме прогласи за пулсар!
Сега со трепет
Само ја затворам страницата
(И на два диска ја снимам)
По двапати се враќам
Да видам дали сум заклучил
Пред да излезам
И задоволен
И горд
И суетен веќе
Му го предавам мојот огон на ветрот
Подалеку да го испрати
Да не се збидне
Катарсичен пресврт
Меѓу текстот врз студената земја што се лади
И раката што се крева од хартијата празна
Одново да не бидам окован во обрачи
Додека се ѕверам
Од која страна на светот да се вратам дома

mk_MKMK