Џалал Ел Хакмауи – ПОТОП

Зори
Чекорам во земјата на Мртвите.
Моите самотни раце го придушуваат свирежот на далечни возови
Деца трчаат кон мене
Јас трчам кон песната.
Во одајата на Мртвите,
Ја читам „пијаниот брод“:
Во моето тело сјае ко илјада огнови златото на Ловците во транс.
Да не се изгубив во песната?
Во мојата песна ја слушам
Смеата на Мртвите и виежот на сираците
Мојата црвена пустина го носи на свет слепиот поет.
Слепиот поет сонува на креветот на вечноста.
А јас?
А јас?
Мртов
го откопувам мермерот од таа гнила гнила песна…
Додека црнилото на светот ги покрива
Крвјосаните муцки на чакалите.
Мојата песна
Ги игнорира лимузините на свештениците
Солта на авангардните текстови                                                                                                                                                    Да
Ова е мојата песна
Која ме придружува в зори во земјата на Живите Мртовци.
Токму во мојата песна
Живите поети
И мртвите крадци
Се убиваат еден со друг.
Да
Мојата црвена пустина го носи на свет слепиот поет
Поетот ја ГЛЕДА искрата на вечноста во окото на орелот-јагуар
А јас?
Пијан, легнувам во челуста на песната и го чекам ПОТОПОТ.
 

Превод: Никола Ѓелинчески