Во вените ги слушаш далечните звуци на твојата крв
Малите фаланги
прстите однатре го милуваат твоето лисје
за да го склупчат телото
Слабата надлактица на нејзините раце се буди како кожен фенер на твоите брегови
што се движи во погрешно време под твоето тело однатре
Слушам:
на плажата која си ти има светилник
во ноќта од овие денови јас го следам во мракот
ставајќи го увото на твојата утроба
будна.
II
Оваа слика е:
а) Универзумот погледнат
од Божјите очи,
три дена откако ја започна својата работа:
б) едно крваво соѕвездие во орбитата на сонот.
в) Нешто поопипливо: една иднина на калциум.
утрешнината на една ѕвезда/ минатото
на една ѕвезда/ една ѕвезда,
г) која дава облик понекогаш нежност
радост прослава бес најубавиот гнев.
д) Лисјето на живото месо
под кое почива едно смачкано срце.
ѓ) Срцебиењето, ембрионот (поезијата) на сѐ претходно.
III
Во тие денови осамата растеше со бистри очи
во сите очи очите гледаа осама
без тоа нужно да биде добро или лошо
но тиранот подмолноста кога излегува платениот убиец
смртта ги бара за мојата сенка делчињата
нежност што уште останаа кај децата гледаа
како нежно расне осамата
ќерка ми која во тој момент знаеше сѐ
од еден поглед кој светот сѐ уште не го познаваше
ниту го знаеше срцето на душата никој во суштина не го познаваше
таа ми рече:
еден хиликоптер тато слушнав еден хиликоптер
и еден смртен звук на хеликоптерот со куршумите на мртвите
тоа ти го велеше осаменоста
и тоа требаше да ѝ го објаснам на ќерка ми.
Превод: Марија Крстевска