Карлос Рамирес Вуелвас – НОВИ МАРТОВСКИ ИДИ (ШТО ЗАВРШУВААТ ВО ОКТОМВРИ)

Видов долги редици невработени електричари кои си одат
молчешкум со оган во рацете
под погребното мартовско небо и никој
не умееше да одговори на ниедно прашање
ниту да го контролира гладниот поглед на изгладнето животно
кое трескавично врвеше низ градот
додека Мајкл Џексон умираше како жртва на себеси
во агонија пет века претходно бараше сценарио
каде губеше делови од телото кои сиот свет
ги јадеше ждерејќи ги залак по залак како исконскиот грев
нафора вина која ја голтаат за да исчезне така
следното утро речиси нѐ изненади веста
дека повеќе жени се појавија мртви во задниот двор
на Соединетите Држави на Америка но ја чуваме
со толку стоицизам навиката за мигрена
толкава е навиката за мигрена
што фармацевтите ѝ смислиле различни имиња
бесчестието што нѐ воодушевува
(о големиот господин Кока Кола!
Во име на твоето ценето оружје за нашиот бубрег и панкреасот твоето ценето оружје
за нашите заби и коски ја принесуваме оваа долга и чиста линија на кокаин
ќе простиш за црвените траги крв но уште не го забораваме
деветнаесеттиот век поради смарагдниот сјај на големите ниви со афион
здогледан во една среќна пролет на Топлата земја на војникот)
во тие денови жена ми и јас не знаевме ништо
зашто се љубевме толку искрено што дури
и не беше потребно да се има име или постела или отворен прозорец                                                                          јас бев нејзиниот омилен син и таа
најразгалената од сите мои ќерки и едноставна
како пламенот што ја осветлува најсмртоносната
мартовска ноќ нашата љубов пламтеше
попусто 20 илјади раце беа предодредени за празнината
Печатот рече:
денес е деветтиот ден од десеттиот месец на деветтата година на XXI век.
 
Превод: Марија Крстевска

mk_MKMK