Карлос Рамирес Вуелвас – ТЕЛОНИУС МОНК ГО СЛУША ПОРОЈНИОТ ДОЖД

Ова е првиот јунски дожд и поројниот дожд се вика Телониус Монк
Светлина од абонос врз белиот пламен од алкохолот
Црвените акорди каде меланхолијата царува
Зашто нема појасна и посилна светлина од онаа
што крвави од рацете на мудриот
Од онаа каде толку темна е крвта на светлината
Плачот е перница за починка на преморените коски на душата
Го слушам Телониус Монк и светкавица од рум минува низ грлото на матката
Детство со ампутирани екстремитети
Отсечен дел на кој се потсмеваат моите браќа
Но да биде сладок бакнежот на складот за да ја засити кожата наежена од молкот
Животот да ги облече своите омилени рува како девојче
за да ни каже дека сѐ е многу едноставно
Затоа што Монк му ткае капут на Нели
Дел од срцето го остави голо
со извесни делови од октомврискиот самрак и дождовната зеница
ја набљудува однатре
Затоа што Монк го расткајува срцето на Нели и создава најфини музички ноти
што продира и крвави и танцува и опушта и повредува                                                                                                  како нота од пијано што ни ја разјадува душата
Зошто да се прашува за гневот сред овој пороен дожд
Каква светлина би можела да пронајде жалта
во еден маж кој го подготвува влезот на својата љубена во Пеколот
Еден бурбон едно виски едно пиво се доволни
И една труба од црно злато одѕвонува и експлодира на небото
Постои еден човек кој гние однатре
додека остава траги на мошне јасна и силна светлост
Бурата поруменува од својата бучава
Напредува темната таписерија од поројниот дожд
Потем мелодијата станува побавна
Некој ја чека гранатата за да ја разбие главата.
 
Превод: Марија Крстевска

mk_MKMK