Пред волот да ти згази на јазик,
кажи го тоа што е;
како бројниот зелениш во оваа градина
се ведне, чудесно. Кога врне,
треба да си со него, да чезнееш со петте сетила, премногу свесна.
Но душата ти é; твојата душа,
што откако тебе те зачува за тебе
за некое време,
си се насели тука,
па сега лунѕа по градината; невидливо зелена.
*
Пред трн магарешки да ти се закачи за усна,
изговори глагол;
белото цвеќе што го засади копнее од љубов
по самракот; а самиот самрак
се чини е вљубен
во сопственото име.
Часот кога нештата ти се доближуваат
колку што кураж ги носи,
допирајќи ти ги усните со свои именки.
*
Пред сончевиот сач, месечевата лач,
тебе сеедно ти се,
што друго да се рече?
езерското сонце и езерската луна
се дурска и молска музика
ко светлина,
а зборовите скромни, срамежливи, гувеат настрана;
лилјаци првкаат над кожата од водата.
*
Пред камен да ти ја затне устата,
опиши
како ова вечерно небо бавно ги
прозева
ѕвездите;
а бојата се повлекува, радост
во обратен смер; помудра.
*
Пред жолтеникавиот, со ѕвонца накитен воздух, да не може
да се дише, чуе, види, да каже
време;
миг што сам по тебе посега
отаде полињата;
трепти виното во твојата чаша.
*
Пред мовта
да ја прочита браиловата азбука на твоите љубовни средби,
пополни го меѓу-просторот на тирето;
поврзувајќи го ништото пред,
со ништото што чека.
*
Пред дуријата да зарине во латинскиот мрак,
дозволи дрвото-свештеник
да ја чуе твојата свадбена заклетва,
кога веќе си на колена.
*
Пред Бог вечно да не е,
кажи си молитва; признај ја
нивната нежна човечка моќ.
*
Пред палец да ти мироса чело,
кажи го тоа што порано сакаше да го кажеш.
*
Пред пред волот да ти згази на јазик.
*
*
*
Превод од Англиски јазик
Зоран Анчевски