Ако дедо ми не беше најубавиот маж на светот,
можеби немаше да го засакам на прв поглед
и ако не го засакав можеби немаше
лошото да се случи.
Ако не веруваше дека го имам неговиот поглед
како што гордо го прогласи денот на моето раѓање
можеби немаше да ги наследам неговите очи
и силата на неговото срце
неговиот вкус за капи и за жени
и тој да не ја одложеше за пет години
својата смрт
ако бев машко дете можеби ќе ме ставеше
да решавам математички задачи
наместо да ме подучува на добри манири,
како да се искачувам по планината,
зошто да го сакаме пијаното
и да знаеше дека јас разбирам
немаше да ми ги раскаже сите тие
горки истории мислејќи дека ќе ги заборавам
ако дедо ми не беше толку доблесен
и толку убав маж
со крепките свои нозе што се јази и се исправува
нагоре надолу по земјата сѐ до последниот свој здив
можеби немаше ни тој да има мустаќи и таков изглед
можеби ќе се оженеше одново, за да направи и други деца
за да ги измешаме најпосле сметките
ако имаше жестоко срце и слаби раце односно наопачни
можеби немаше да ме остави да скокам на креветот
да му го галам стомакот
можеби немаше да се плаши од операциона сала
и ние ќе си живееме среќно и понатака
ако дедо ми не беше еден од оние
кои ги преминале границите
нашите гробови би биле пусти на друго место
ако не играше оро ако не правеше вкусен десерт
ако не ме носеше во лунапаркот со велосипед
немаше да биде мојата прва љубов
и мојата прва смрт
немаше да биде најубавиот маж на светот
и ќе имав сега една надеж.
Превод од грчки јазик Паскал Гилевски