се прашувам колку би живееле
без електронските бели дробови
на кои сме закачени со телото што не е наше
– квадриплегичари со инфрацрвена светлина во главата
без правосмукалката со која ја собираме пајажината
во аглите на нашата свест на која не ѝ дозволуваме
да излезе надвор без пудра на лицето
без сијалицата на која ѝ се поклонуваме како на богот Сонце
без машината за месење леб
која нѐ храни со глутен и со адитиви со ознака Е-215
зашто не може да удри со тестото по масата
за да го омекне тврдото срце на човештвото
и за да ни стане јасно дека само така
може да се зароби воздухот како адитив од едно старо време
без кое сме никој и ништо
без мегапикселите со кои го гледаме светот
и без кои сме слепи
без ви-фито со кое зборуваме на сите јазици одеднаш
и со кое сме знајни, но не и мудри
и сме познати лица кои живеат во конзерва
колку би живееле без протокот на електронската крв
во нашите фацијални жилички
без чипуваната демократија
која нѐ носи в џеб постојано
за да може да ни се јави секогаш
кога ќе ѝ притребаме за да биде слободна