1.
зборовите што не си ги кажуваме
над главата ни лебдат
како облачиња празни над дробната црта
над куќата без гласни жици
над страната која никогаш не ја покажуваме
иако в очи ѝ гледаме
2.
зборовите што ги премолчуваме
сакаме да си ги кажеме одеднаш
но се плашиме дека ќе ни го земат
тоа што никогаш не било наше
3.
зборовите што ги закопуваме
еден ден ќе проговорат и ќе ни завртат грб
и секој од нас ќе си замине во своето време
за да ја раскаже приказната на свој начин
со свои зборови и со своја крв
и не ќе можеме да излеземе од неа
над дробната црта – таа
под дробната црта – ние
затворени во триаголникот на нашите раѓања
4.
еден ден како гром ќе нѐ погоди
приказната со нашите лица
и така слепи и глуви
не ќе знаеме каде навистина живееме
во јавето или во неговиот сон
5.
еден ден и зборовите што нѐ носат под јазикот
ќе ни се одмаздат и ќе нѐ плукнат како камче
и ќе нѐ заборават
а приказните ќе живеат во други ликови
кои нема да се убиваат едни со други
за да живее смртта во нив
и тогаш ќе се измислиме пак
скриени во облачиња
над дробни црти и во неми триаголници
сѐ дури не научиме
дека не треба да ја убиваме смртта
со ГМО, замрзнати јајце-клетки и депонирани сперматозоиди