Давид Џанони – Раѓање

Ти велев:
Не чекај да ти се отвори портата,
Ти биди порта

Ти велев:
Од твоите милениумски тела, спомен зачував,
Вкусот на твојата кожа, биењата под твојата кожа

Ти велев:
Љубовта е сериозна работа,
И се смеевме ли се смеевме

Ти велев:
Ако очите ти се како килибар, а срцево кварц излуден
До зори Тие во нас слеани треба да се сторат

Ти велев, а ти ми велеше:
Зошто толку време?
Зошто толку животи?
Зошто толку желби?
Зошто толку скршнувања?
И зошто сите овие зошто?

Ти велев, а ти ми велеше:
Во златното срце на моето себство и несебство
Завет ти давам
Завет што од нашите ноќи бликнува
Од сите времиња, преплетени
Оти време нема
Од сите животи изживеани
Оти само еден живот има
Од сите желби вкрстени
Зашто копнежот на Љубениот е ист како на Љубовникот
По сите патеки изминати
Зашто ниту едно скршнување скривување не е, навистина
Ете, зошто
И, ете, го зашто на сите зошто

Ти велев, и ти ми велеше:
Несомнено, од сите мои сни
Има еден надеж што ми влева
Небаре со заби од ѕвер е
Со опожарен поглед на оној што ѕвезда здогледал
Со крзно меко и рапаво едновремено
И со мирис на светост,
Ела под земја
Влажен тутун
Воздушеста жалфија
И кедар што гори

Ти велев, ми велеше, ти велев, ми велеше

Тогаш
Огромни малечки души
Вгнездени среде спрострени екстремитети
Во птица со илјада громови
Ги превртуваме овие реченици
Во устите наши без јазик
И си ги подаваме еден другому
Во овој неименуван бакнеж

Така
Ние постанувавме Ние
Навистина
Ни Јас ни Ти, ни Твое ни Мое

Нека муграта алова вистински огрее, конечно
Нека сонцето на заоѓање никогаш повеќе не очајува
Нека розата, и една и секоја
В градина неискажлива
Биде набрана од оваа нова рака
Со десет прсти на дланката и десет ножни прсти
Што чекори како да трча
И не ја досега ништо
Сенка, митарење, ветер

Нека присилениот биде освоен
Со слободно замавнување на крилјата

Океан светлина
Тишина
Го заземаат сега
Овој бескраен простор
На нашето раѓање

mk_MKMK