Дејан Алексиќ – ЧЕШЕЛ

Тој е градинар
Дремлив од безработица
И помалку сенилен
Никој не слуша што потпевнува
Зафатен со матното сеќавање
На сопственикот на косата
Која ја чува во своите ребра
Дури и да преовладее во нас
Сентиментот кон златната мрзеливост
Избркана од рајската градина
Ќе се согласиме дека е тажно
Да се раскрчми векот
Во друштво на влакно
Но ти што креваш триумфални порти
Предејќи јажиња од чад
Погледни низ прозорецот
Самрак како на крај од времето
Тлеат купчиња
Суво лисје
И зимата влегува во градините

Превод од српски јазик Никола Кукунеш