Под зборот сонце ги спрострев во станот своите алишта за да се исушат. Водите капеа врз зборовите весници и цемент, создавајќи езеро. Си го замислив зборот златна рипка како плива пред мојата дрвена маса. Си турив кафе во филџанот. Меѓутоа, под зборот светлина не можев да читам.
Надвор пред прозорецот минуваше еден карван од бојни слонови. Еден слабичок старец се молеше мавтајќи со еден крст за да помине покрај него искушението. Кога си велел крајбрежје наместо пустина, жолти пеперуги излетуваа од полуотворените чекмеџиња на твоите раце.
Со такво напрегање си го замислив својот духовен живот што иконата отспротива пушти солзи.
Превод од грчки јазик Паскал Гилевски